ПРВ ТУРНИР ОД ТУРНЕЈАТА ВО СЛОБОДЕН ШАХ
Во годинашната серија треба да се играат вкупно пет вакви турнири, чија цел е промовирање на шаховската варијанта позната и како Фишеров шах и шах 960 (во кој местата на фигурите во почетната позиција се измешани)
Магнус Карлсен, Фабијано Каруана, Винсент Кејмер и Јавохир Синдаров се пласираа во полуфиналето на првиот турнир од турнејата во слободен шах (познат и како Фишеров шах) во Вајсенхаус (Германија).
Норвежанецот и поранешен светски првак во класичен шах Карлсен (2.833 рејтинг-поени) ги доби и двете партии против Нодирбек Абдусаторов (2.766) од Узбекистан, како и Фабијано Каруана (2.803) од САД против актуелниот светски шампион во класичен шах, Димарају Гукеш (2.777) од Индија. Кејмер (2.731, Германија) го победи Алиреза Фирузја (2.760, Франција) со 1,5-0,5, кој беше прв по првиот дел од турнирот, кога се играше со забрзано темпо (10 минути плус 10 секунди по секој потег) во конкуренција на 10 учесници.
Во најнеизвесниот меч, Синдаров (2.668, Узбекистан) го победи светскиот првак во Фишеров шах, Хикару Накамура (2.734, САД), сo 3-1, добивајќи го тајбрејкот во забрзан шах со 1,5-0,5, по двете нерешени партии со класичен период за размислување. Левон Аронијан (2.745, САД) победи во мечот за деветтото место, против Владимир Федосеев (2.724, Словенија), со 1,5-0,5, откако одигра брилијантна партија со жртва во отворањето, а втората партија заврши со реми.
Во полуфиналето од по две партии со класично темпо на игра (првата партија се играше вчера) двојките беа: Кејмер – Карлсен и Синдаров – Каруана. Овој турнир во Вајсенхаус е првиот од серијата од пет турнира, чија цел е промовирање на шаховската варијанта позната и како шах 960 (во кој местата на фигурите во почетната позиција се измешани), а другите од оваа турнеја треба да се играат во Париз (во април), Њујорк (јули) Њу Делхи (септември) и во Кејптаун (декември). Г.И.