Постои онлајн продажба на лични карти, издадени на бегалци од страна на германски компетентни власти, пишува весникот „Шпигел“, повикувајќи се на внатрешна анализа на германската федерална полиција, која покажала дека „трговија со такви документи најмногу има во Грција“.
Во статијата, која ја пренесува грчкиот портал Њуз.ин, се тврди дека „мигрант може да се снабди со бегалски документи од Грција, за да се качи на авион, без никакви проверки, и да патува до Стокхолм, Франкфурт или Амстердам“.
Според весникот, германската полиција утврдила дека илегалните пристигнувања со авиони во Германија во 2016 година се зголемиле за девет отсто, и за 22 проценти во 2017 година, и заминувањата биле претежно од Грција.
„Шпигел“ пишува за „бум на онлајн трговијата со вистонски бегалски документи“. Луѓето се организирале преку Фејсбук, како продавачи и купувачи на такви документи, договарале средби, и целата комуникација била на арапски јазик. Најчесто купувачите на такви документи биле Сиријци, кои сакале да избегаат во Германија.
Според Европол, во последно време се одземаат се повеќе фалсификувани документи, кои биле употребени на аеродроми. Поради тоа, федералната полиција испратила гранични полицајци на аеродромите во Атина и Солун, за да спречат илегални пристигнувања во Германија.