Фото: „Нова Македонија“

Според познавачите на пазарот на трудот, кај лицата без образование има дополнителни тешкотии да се вработат токму поради фактот што тие се без образование и голем дел од нив не се во можност да се дообразуваат, што ги прави „тешки кандидати“ и за дообуки со кои би им се пронашле нови струки во кои може да работат

Кус осврт кон структурата на невработените во Македонија

Бројот на невработените граѓани во последната година значително се намалил. Процентот на невработеност во третото тримесечје од минатата година се намалил на 12,3 проценти, што е добар показател, но неопходни се и понатамошни мерки што ќе придонесат за уште поголем пад на невработеноста.

Убедливо најголема категорија граѓани што се во потрага по работа се лицата без образование или оние со некомплетно образование

Податоците на Агенцијата за вработување покажуваат дека на крајот на минатата година, или заклучно со декември 2024 година, имало 96.828 невработени граѓани и уште 44.118 други лица што бараат работа. За споредба, на почетокот на 2024 година, или во јануари, имаше 105.803 невработени граѓани и уште 46.881 други баратели на работа.
Но она што е особено впечатливо во бројките на агенцијата е податокот за степенот на образование на невработените што се во потрага по работа. Иако зачудува што меѓу нив има и лица што се со високо образование, како на пример 20 доктори на наука, над 560 магистри на наука, како и речиси 6.000 високообразовани сограѓани.
Сепак, убедливо најголема категорија граѓани што се во потрага по работа се лицата без образование или оние со некомплетно образование. Има вкупно 59.018 граѓани што бараат работа, од кои дел се со основно или без основно образование. Со нецелосно средно образование работа бараат 7.819 граѓани. Меѓу лицата што бараат работа се и оние со средно образование, меѓу кои има вкупно 22.811 граѓани.
Според познавачите на пазарот на трудот кај лицата без образование има дополнителни тешкотии да се вработат, токму поради фактот што тие се без образование и голем дел од нив не се во можност да се дообразуваат, што ги прави тешки кандидати и за дообуки со кои би им се пронашле нови струки во кои може да работат.
– Денес постојано се менуваат потребите на пазарот. Познавањето на една вештина не значи дека некој си обезбедил солиден приход цел живот. Вештините многу брзо се менуваат, па и помладите мора постојано да се надградуваат ако сакаат да бидат компетентни на пазарот на трудот. Проблематично е што повозрасните потешко учат нови вештини и потешко можат да се приспособат во нови средини, но тоа воопшто не значи дека не може да се постигне. Има позиции каде што и повозрасните работници можат многу да придонесат, само треба да се погодат работодавците и работниците – вели претставник на една од агенциите за посредување при вработување.

Недостигот од образование е еден од проблемите што сега доаѓа до израз

Тој појаснува дека многу често квалификациите на повозрасните граѓани повеќе не се бараат на пазарот и потребна е нивна дообука или стекнување нови вештини. Додава дека уште една причина што тие остануваат без работа е и ниската вклученост на моделите на вмрежување, немањето доволно ефикасни канали за комуникација за побрзо поврзување на работодавците и работниците.
Друг соговорник од истата област, пак, потенцира дека недостигот од образование е токму еден од проблемите што сега доаѓа до израз. Недостигот од образование ги попречува овие граѓани да се дообразуваат или да стекнат вештини со кои ќе пронајдат побрзо и полесно работа.
– Според сегашната структура на невработените лица, не постои значителен потенцијал од каде што може да се регрутира нов број работници за потребата на домашните компании. Во оваа бројка се постари лица без поголеми работни искуства или лица што не биле никогаш работно ангажирани и кои е тешко да се обучат, дел поради годините, дел од други причини – укажува сопственикот на агенцијата за привремени вработувања „Партнер“, Раде Ненадиќ. Е.Р.


Степен на образование

Без образование и со основно 59.018
Нецелосно средно 7.819
Завршено средно 22.811
Вишо образование 605
Високо образование 5.991
Магистри на науки 564
Доктори на науки 20
Извор: Агенција за вработување