Кога практикувањето на нефер трговските практики ја помина црвената линија и кога граѓаните на земјите во повеќе балкански држави почувствуваа дека ниту инструментот на превентивно-репресивното дејствување на државите не помогнаа во доволна мера, тогаш граѓаните изворно од себе лансираа нови поинвентивни, аполитични методи, со кои се обидуваат да се справат со нефер трговските практики
ПОТРОШУВАЧИТЕ ОД БАЛКАНОТ СЕ ОБЕДИНУВААТ ОКОЛУ ИДЕЈАТА ЗА „БОЈКОТ НА ГОЛЕМИТЕ ТРГОВСКИТЕ МАРКЕТИ“, КОИ МАНИПУЛИРААТ И СО МАРЖИТЕ И СО ГРАЃАНИТЕ
И владите на некои држави, вклучувајќи ја и на Македонија, застанаа зад своите граѓани и ги поддржаа во напорите да му се стави крај на дивеењето на одредени трговци и трговски синџири и зголемувањето на цените на производите што граѓаните ги купуваат како неопходни. Македонската влада, освен во законската регулатива, изнесе и јасна вербална поддршка на бојкотот на граѓаните потрошувачи. Надлежните органи најавија и спроведуваат и низа конкретни мерки, што во содејство со граѓаните и во нивна функција, од позиција на егзекутивен државен инструментариум, влезе во костец и борба против нефер трговските практики. Но овие специјални мерки се проширени со други мерки со економски карактер, со кои Владата се надева дека ќе влијае и на внатрешната инфлација, која исто така има свое влијание во целиот галиматијас на ценовната спирала.
– Бојкотот од страна на граѓаните е нивни механизам што во соработката помеѓу надлежните органи за спроведување на надзорот над примената на нефер трговските практики ќе даде резултат во интерес на сите граѓани, а се надеваме дека моралот и етиката кај трговците конечно ќе добијат на вредност, заради тоа што низ сите досега изминати години се загубија универзалните човечки принципи. Некаде патем се загубија и традиционалните вредности на заемна поддршка, дружба, помагање, семејни односи, воспитување и образование, но и патриотското и еснафско однесување, кое токму сега ни е неопходно за да може отсега заеднички да ги пребродуваме сите доскорашни „саботажи и деградации на системот“, како и „велепредавства со кои се соочувавме“, вели наш редовен соговорник, интелектуалец и пензиониран универзитетски професор, порачувајќи дека е „дојдено времето за отфрлање на сите досегашни смислени однадвор и однатре политикантски игри со кои се изнемоштува македонската нација“.
– Тргнавме на вистински пат и некој повторно се обидува да го спречи тоа. Во светот се случуваат тектонски промени и време е сега, со новите сили, да ги рашириме едрата на нашиот кораб – вели тој, со исклучително мотивирачки тон.
Хрватска: Нов бојкот во продавниците
Вчера во Хрватска започна нов општ бојкот на продавниците. Предложен е бојкот на сите продавници и бензински пумпи, а пазарењето во одредени големопродажни синџири од денеска ќе се бојкотира една недела.
Организаторот на бојкотот на продавниците, како што јавуваат тамошните медиуми, вели дека нема да се откажат додека не почне бранот на попусти.
– Потрошувачите побараа еднонеделен бојкот на еден малопродажен синџир, и ние тоа го направивме сега, а и другите ќе дојдат на ред, порано или подоцна. Од нешто треба да тргнеме, „Конзум“ е прв – рече Јосип Келемен од платформата „Хало“.
Тој додаде дека го слушаат гласот на потрошувачите.
– Потрошувачот има право да каже што сака, да ја каже својата идеја и ние го прифаќаме тоа, сакаме да им дадеме можност на потрошувачите да го изразат своето генерирано незадоволство на мрежите и да ги насочат своите активности – рече Келемен.
Тој наведува дека многу потрошувачи им пишале дека сакаат повторно да ги бојкотираат сите продавници, за да не се опуштат.
– Испраќаме силна порака дека нема опуштање и дека потрошувачите нема да се откажат додека не почне бранот на поевтинувања, бидејќи она што се случува на полиците сè уште укажува на покачени цени, тие се зголемуваат за цент, два, десет, а оваа приказна за намалувања, корекции, замрзнувања изгледа како да ни фрлаат прашина во очи – посочи Келемен.
Тој рече дека целта е трајно, а не акциско намалување на цената. Некои трговски синџири веќе најавија намалување на цените.
– Тоа воопшто не се намалувања, тоа е само замаглување. Забележано е дека цената на производот, која како да е замрзната, сега е повисока од претходно, па прво ги покачија цените, а потоа решија да покажат добра волја и ја намалија за некој процент. Тоа е потценување на потрошувачите – вели Келемен.
Ангел Митревски, наш постојан соработник од Сплит
Србија: Повик за нов петдневен бојкот на трговските синџири со нефер практики
По бојкотот на големите трговски синџири што се одржа во петокот на 31 јануари во Србија, здружението за заштита на потрошувачите „Ефектива“ ги повика граѓаните на нов бојкот. „Ефектива“ упати нов повик до потрошувачите да ги бојкотираат петте големи трговски синџири – „Делеза“, во која се „Макси“ и „Шоп енд гоу“, „Меркатор“, кој ги вклучуваат „Идеја“ и „Рода“, како и ДИС, „Лидл“ и „Универекспорт“, јавија српските медиуми.
Повикот е да се спроведе бојкот што ќе трае од понеделник, 10 февруари, до петок, 14 февруари. Од „Ефектива“ наведуваат дека тој повик го поддржале и здруженијата на потрошувачи „Просперитет“ од Нови Сад и Републичкиот сојуз на потрошувачи од Белград.
– Од последниот бојкот во петокот на 31 јануари и по јавниот повик до трговците да преземат конкретни чекори за намалување на цените, дури се случи некои бојкотирани трговци да ги зголемат цените. За тоа е потребен нов потрошувачки бунт, кој ќе се преведе во петдневен бојкот – велат тие.
Босна и Херцеговина: Во тек е дводневниот бојкот на трговските центри и супермаркетите
По иницијатива на граѓани организирани под името „Бојкотирам БиХ“, вчера започна нов дводневен бојкот на пазарењето во трговските центри и супермаркетите во Босна и Херцеговина.
Оваа неформална група преку социјалните мрежи повика на нов бојкот како одговор на постојаниот раст на цените на основните прехранбени производи, и покрај најавите од владите на ентитетите за мерки за нивно ограничување. Владата на Федерацијата БиХ, имено, најави дека ќе донесе одлука за „замрзнување на цените“ на вкупно 50 производи, додека владата на Република Српска најави зголемени контроли и казнување на трговците за неоправдано поскапување. Министерот за трговија на Федерацијата на БиХ, Амир Хасичевиќ, во вторникот рече дека владата планира да ги намали цените и да ги задржи на пониско ниво за најмалку 50 основни прехранбени производи, во обид да ги намали вкупните трошоци за живот на граѓаните.
Првиот бојкот на продавниците што го организираа граѓаните на БиХ на последниот ден од јануари не беше успешен, покажуваат податоците на даночните управи на двата ентитета во БиХ.
Грција: Закажан генерален бојкот на19 февруари поради високите цени
Целосно да се бојкотира пазарот и граѓаните да не потрошат ниту едно евро на 19 февруари, повикаа од Федерацијата на потрошувачи на Грција (ИНКА) поради високите цени, јави дописничката на МИА од Атина.
Преку соопштението велат дека „е доста со измамите, профитерство и заработките на сметка на граѓаните“.
– Ако е можно, на тој ден да не потрошиме ниту едно евро за банките, државата, за вода, струја, телефони, гориво, за супермаркети, кафулиња, ресторани, трговија, продавници за бела техника и никаде на друго место на пазарот. Сите заедно да испратиме порака дека газди на пазарот се граѓаните и потрошувачите – соопштија од Федерацијата и велат дека 19 февруари е ден кога треба потрошувачите да ја покажат нивната сила.
Станува збор за прв повик за бојкот во Грција, откако вакви иницијативи веќе имаше во регионот.
Црна Гора: Бојкот на трговските синџири под слоганот „Сложно, обединето, упорно“
Во Црна Гора вчера почна дводневен бојкот на малопродажните синџири поради високите цени, на кој повика невладиното здружение „Алтернатива“.
„Се повикуваат жителите на Црна Гора денеска и утре да не пазарат во големите продавници, туку доколку мораат, да пазарат во мали продавници со најмногу десет вработени.
Секојдневно сме сведоци на невидени поскапувања на основните производи, додека сопствениците на големи синџири акумулираат профит на сметка на народот“.
Истото невладино здружение минатиот петок организира бојкот на продавниците во Црна Гора кога, според Даночната управа на Црна Гора, петте најголеми трговски синџири забележаа пад на прометот од 56,14 отсто.
Минатата недела повеќето жители на северниот дел на Црна Гора се одзваа на повикот за бојкот на големите продавници, а одзивот беше нешто помал во централниот и јужниот дел на Црна Гора.
Бугарија: Федерацијата на потрошувачи ја прифати иницијативата за бојкот што се шири низ Балканот
На 13 февруари (идниот четврток) бугарските потрошувачи не треба да купуваат во која било продавница за храна или малопродажен синџир. Овој повик за бојкот го упатија Федерацијата на потрошувачи во Бугарија и пензионерските организации поради високите цени на храната, пренесува „Труд.бг“. Иницијативата се заснова на бојкотот што веќе беше спроведен во Хрватска, Босна и Херцеговина, Македонија и Црна Гора. Порталот пренесува дека и во Косово има апел луѓето да не одат на шопинг в понеделник, на 10 февруари.
– Во последниве недели има драстично зголемување на цените на основните производи во маркетите. Нашата земја е најсиромашна во ЕУ. Уште побезобразно е што цените на путерот, млекото, сирењето, месото и колбасите во странските трговски синџири се повисоки во бугарските филијали отколку во нивните земји, каде што животниот стандард е неспоредлив со нашиот – велат организаторите на бојкотот во Бугарија.
Зошто истиот производ, во ист малопродажен синџир, има повисока цена во Бугарија отколку во Австрија и Германија, прашуваат организаторите на бунтот. Оттаму апелираат продавниците за храна на 13 февруари да останат празни и да нема ниту еден купувач во нив. На 13 февруари да покажеме дека во Бугарија има луто граѓанско општество кое повеќе нема да толерира поскапување, велат организаторите.
– Одлучивме да заѕвониме на јавното ѕвонче, да обрнеме внимание на луѓето, да покажеме дека можеме да се организираме и да ги браниме нашите права -коментира за „Труд њуз“ Емил Георгиев, претседател на Федерацијата на потрошувачи во Бугарија.
Организаторите на бојкотот бараат бугарската влада да одобри список со 70 намирници на чии цени треба да се стави „плафон“.