Фото: Пиксабеј

Инвазивните видови, како што се змии и гуштери, се провлекуваат низ царинските контроли во северна Европа. Тие поминуваат незабележано во големите пратки со цвеќе и растенија во саксии, предупредуваат експертите. Континентално-европски змии, геко-гуштери и крајбрежни гуштери се некои од животните што влегуваат во северноевропските земји во пратки со маслинови дрвја, наменети за облагородување градини и зелени површини, се вели во студијата објавена во списанието „Биосајенс“.
Овие видови можат да предизвикаат огромна штета кај посевите. Студијата го наведува примерот на Мајорка, медитерански остров каде што никогаш немало змии. Меѓутоа, кога тие пристигнале на островот, сериозно го загрозиле екосистемот на Мајорка. Експертите, сепак, предупредуваат дека змиите и рептилите се само врвот на ледениот брег. Инсекти, габи и земјоделски штетници се внесуваат и во северна Европа и во Обединетото Кралство во пратки со саксиско цвеќе и украсни растенија, а и покрај регулативата и граничните проверки, количеството растенија што се увезуваат е толку големо што станува исклучително тешко да се откријат натрапниците. Глобалниот пазар за извоз и увоз на растенија, вреден милиони долари, рапидно расте и има сè поголем географски досег. Експертите предупредуваат дека ширењето и преживувањето на инвазивните видови, особено комарците и другите инсекти што пренесуваат болести, се олеснети благодарение на климатските промени, кои го прават времето потопло во северна Европа. Поради зголемените температури, можно е некои егзотични растенија увезени од потоплите региони за украсување на домовите во Велика Британија да се рашират во дивината како инвазивни видови.
Професорот Вилијам Сатерленд од Катедрата за зоологија на Универзитетот „Кембриџ“ предупредува дека украсните маслинови дрвја што се продаваат во Британија би можеле да бидат стари и над 100 години.
– Ако змии и гуштери се лизгаат под нашиот радар, какви се шансите да забележиме опасни мали инсекти или габи, кои навистина предизвикуваат големи проблеми – прашува професорот.