Фото: ЕПА

Имаше неколку играчи опишани како новиот Џорџ Бест низ годините, а ова е првпат тоа да ми биде комплимент, рече Џорџ Бест за 18-годишниот Роналдо, пренесе ФИФА во напис по повод 40-от роденден на португалскиот фудбалер

ФУДБАЛ

Менталитетот на Кристијано Роналдо беше сосема поинаков од оној на 17-годишно момче. Игравме фудбал и тој беше најдобар, игравме билјард и тој ги победи сите, одевме во вежбалница и тој креваше повеќе од сите други. Ме потсети на Мајкл Џордан, вели Родриго Тељо, поранешен соиграч на Кристијано Роналдо во Спортинг, пренесе Светската фудбалска федерација (ФИФА), во напис по повод 40-от роденден на португалскиот фудбалер, со моменти, цитати, записи, статистика и друго.

Почетоци

Кристијано Роналдо дос Сантос Авеиро е роден на живописниот остров Мадеира, кој се наоѓа на 800 километри од копното на Португалија. Тој беше именуван Роналдо по омилениот актер на неговиот татко, Роналд Реган, тогашниот американски претседател. Кристијано пораснал делејќи спална соба со своите тројца браќа и сестри. Идоли на Роналдо беа бразилските легенди Роналдо и Роналдињо. Како 12-годишен, тој се приклучи на Спортинг, па следствено, сам се пресели во Лисабон.
Професионалното деби на 17-годишниот Роналдо беше како замена на мечот на Спортинг со Интер, во квалификациите за Лигата на шампионите во 2002 година. Марко Матераци, Хавиер Занети, Алваро Рекоба и Кристијан Виери беа меѓу неговите противници тој ден.
Кога Роналдо го направи своето професионално деби „Г-меил“, „Мајспејс“, „Јутјуб“ и „Википедија“ не постоеја, „Hot in Here“ од Нели, „Complicated“ од Аврил Лавињ и „A Thousand Miles“ од Ванеса Карлтон беа високо на топ листите за синглови низ светот, холивудската мегаѕвезда Мили Боби Браун, суперинфлуенсерот Чарли Д’Амелио и НБА олстар-кошаркарот Виктор Вембањама не беа родени…, пишува ФИФА.

Клупски моменти

Арсенал, Барселона и Ливерпул беа поврзувани со Роналдо по неговата извонредна форма во неговата прва сезона со Спортинг. По неговото завршување, Роналдо играше со Манчестер јунајтед додека Спортинг ја одбележа инаугурацијата на нивниот нов стадион со победа со 3-1. Рој Кин и другите од Манчестер јунајтед, одушевени од детето, го повикаа сер Алекс Фергусон, кој веќе беше заинтересиран за Роналдо, веднаш да го ангажира. Шест дена подоцна тој беше играч на Јунајтед. Роналдо го побара дресот со број 28, но му беше врачен бројот 7, кој Џорџ Бест, Ерик Кантона и Дејвид Бекам го направија култен.
Роналдо, и покрај тоа што му беа овозможени само 29 минути од клупата против Болтон, го направи едно од најдобрите дебија во историјата на Премиер-лигата. Тоа беше најава на она што следуваше. Од крило, тој неверојатно постигна 31 гол во 34 настапи во Премиер-лигата во сезоната 2007/2008, што го прави првиот и досега единствен фудбалер што не е напаѓач што ја освоил европската „златна копачка“, а неговиот гол против Порто следната сезона го направи прв добитник на наградата „Пушкаш“ на ФИФА. Роналдо за шест сезони на „Олд Трафорд“ освои три круни во Премиер-лигата, трофеи во Лигата на шампионите (ЛШ) и на клупското Светско првенство (СП).
Реал Мадрид го урна светскиот рекорд за трансфери кога го донесе Роналдо за 94 милиони евра во 2009 година. Неверојатни 80.000 гледачи присуствуваа на неговата презентација на „Сантијаго Бернабеу“, соборувајќи го светскиот рекорд од 75.000 на Наполи, кои го пречекаа Диего Марадона во Наполи од Барселона, пишува ФИФА. Роналдо постигна повеќе од 50 гола во шест последователни сезони, вкупно 450 во 438 настапи за клубот. Покрај тоа што го инспирира Реал за два трофеја во Ла лига и три клупски СП, Роналдо беше фундаментален во освојувањето на четири титули во ЛШ во пет сезони.
Некои се прашуваа дали 33-годишниот ќе биде подготвен за неговиот следен предизвик во Јувентус. Роналдо го водеше Јувентус до пет трофеи за три години, вклучувајќи ги и две скудета по ред, и замина со 101 гол на 134 меча.
По враќањето во Манчестер јунајтед, Роналдо му се приклучи на Ал Наср во 2022 година. Тој ги постигна двата гола бидејќи за победа на дуелот со Ал Хилал по продолженијата во финалето на Купот на арапските клупски шампиони и има 87 гола во 95 натпревари за Ал Наср, пишува ФИФА.

Меѓународни моменти

Со оглед на тоа што Португалија не водеше на мечот дома со Казахстан во 2003 година, Луис Фелипе Сколари го одреди Роналдо за репрезентативно деби за Луис Фиго во почетокот на второто полувреме, а 18-годишното момче потоа беше прогласено за играч на натпреварот во победата со 1-0. Тинејџерот ја однесе Португалија во финалето на Европското првенство (ЕП) во 2004 година, во кое загуби од Грција во Лисабон, а Роналдо, сепак, беше во Тимот на турнирот заедно со играчи како Михаел Балак, Фиго, Вејн Руни и Зинедин Зидан. Роналдо имаше фундаментална функција во Португалија освојувајќи го нивниот прв голем трофеј на ЕП 2016. Уживаше во незаборавна прегратка со својот стар ментор Фергусон по финалето со домаќинот Франција. Роналдо постигна еден од најголемите хет-трикови во историјата на СП против Шпанија во 2018 година, за реми 3-3. Хет-трикот на Роналдо ѝ донесе победа на Португалија со 3-1 на дуелот со Швајцарија во полуфиналето на Лигата на нациите во сезоната 2018/2019, пред тој да ѝ помогне на Португалија да ја победи Холандија и да стане прв шампион на тоа натпреварување.
Роналдо беше крилен напаѓач што постигна 12 гола во неговите први 40 натпревари за Португалија. Кој би можел, во тоа време, да замисли дека ќе стане водечки стрелец во историјата на машкиот меѓународен фудбал? – Отсекогаш верував дека тоа е можно – изјави Кристијано по неверојатната серија од 49 гола во 47 натпревари со кои постигна вкупно повеќе од Али Даеи (109 гола). Роналдо сега има 135 гола на 217 интернационални натпревари, 23 повеќе од неговиот најблизок ривал, Лионел Меси.
Пред Роналдо, Португалија никогаш не се квалификувала на две СП во низа. СП 2022 беше нивно шесто по ред. Антонио Карбахал, Лотар Матаус, Рафа Маркез, Меси, Роналдо и Андрес Гвардадо се единствените играчи што играле на пет светски првенства. Роналдо на СП 2022 стана првиот човек во историјата што постигнал гол на пет СП. Уве Зелер, Пеле, Мирослав Клосе и Лионел Меси постигнаа погодоци на четири изданија. Само Лионел Меси (26), Лотар Матаус (25), Мирослав Клосе (24) и Паоло Малдини (23) имаат повеќе настапи на СП од Роналдо (22). Со 14 гола, Роналдо е водечки стрелец на сите времиња на ЕП, пред Мишел Платини со девет. Со 450 гола на 438 натпревари, Роналдо е најдобриот стрелец на Реал Мадрид на сите времиња, а тој го држи рекордот за најмногу голови во Лигата на шампионите (140) и во една од нејзините сезони (17). На СП 2022 Роналдо стана првиот што постигнал гол на 10 последователни меѓународни турнири.

НЕКОИ ПОДАТОЦИ

  • Способноста за висок скок на Роналдо е споредлива со онаа на Мајкл Џордан во НБА. Покрај тоа што има моќен и прецизен удар со глава, тој може да се пофали со највисокиот забележан скок во историјата на фудбалот, од 2,93 метри за Реал Мадрид на мечот со Манчестер јунајтед во 2013 година. Тој, исто така, постигна исклучителен гол со глава по скок од 2,57 метри за Јувентус против Сампдорија во 2019 година.
  • Роналдо пет пати ја освоил главната годишна индивидуална награда на ФИФА (2008, 2013, 2014, 2016 и 2017 година). Само осумкратниот добитник Меси има повеќе триумфи.
  • Роналдо е најследената личност на Инстаграм (648 милиони), личноста со најмногу лајкови на Фејсбук (171 милион) и а трета е најследена личност на Икс, а неговиот канал, стана најбрзиот што достигна еден милион претплатници на „Јутјуб“, во рок од 90 минути од неговото лансирање во август 2024 година.
  • Роналдо беше на врвот на сите четири изданија на изборот на ЕСПН за светски познати личности (2016, 2017, 2018 и 2019 година), четири пати беше на врвот на најплатените спортисти во светот на „Форбс“ (2016, 2017, 2023 и 2024 година) и се пласира меѓу првите три во секоја од претходните 12 години, а во септември 2024 година Роналдо стана првиот човек што постигна една милијарда следбеници на социјалните мрежи, пишува ФИФА.

Цитати

  • Имаше неколку играчи опишани како новиот Џорџ Бест низ годините, а ова е првпат тоа да ми биде комплимент – рече Џорџ Бест за 18-годишниот Роналдо.
  • Кристијано Роналдо е далеку подобар од мене. Статистиката зборува сама за себе. Тој е најдобриот играч во историјата на фудбалот – вели Зинедин Зидан.
  • Тој беше прв секој ден. Тој би бил последниот што ќе го напушти теренот за тренинзи, последен што ќе ја напушта зградата секој ден. Тој го правеше тоа за себе, само сакаше да биде најдобар што може да биде. На прашањето помеѓу Меси и Роналдо, секогаш ќе кажам Роналдо. Тој е машина. Тоа ниво на менталитет… – рече Бен Фостер, соиграч на Роналдо во Манчестер јунајтед. Н.М.