Фото: ЕПА

СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ЗА МАЖИ

Ерата на машката ракометна репрезентација на Данска продолжи и на Светското првенство (СП) во Хрватска, Данска и во Норвешка, откако скандинавската репрезентација ја обезбеди рекордната четврта светска титула во низа, со доминантниот настап во финалето со Хрватска, славејќи со 32-26, во Норвешка. Преполната „Унити арена“ во Баерум беше сведок на уште еден убедлив настап на Данска, која од 2017 година не загубила натпревар на светските првенства. Во спортски амбиент и пред 12.500 гледачи, тие беа вистински ракометен вулкан. Олимпискиот шампион Данска, репрезентацијата што доминира во ракометот во изминатите осум години, сега има 37 натпревари без пораз на мундијалите.
СП 2025 го обележи данскиот десен бек Матијас Гидсел, моментално најдобриот играч на светот, а во составот имаа голман што тешко можеше да се совлада, одлични крила, фантастична одбрана, брз напад и некои од најдобрите крила во светот. Со својата деветта победа во низа на годинашното СП, Данска ја обезбеди својата четврта титула во низа, нешто што досега никому не му успеало, а постигнато со голема посветеност и желба за успех, дури и без некои од најдобрите играчи во светот, како на пример голманот Никлас Ландин и бекот Микел Хансен, кои се пензионираа по Летните олимписките игри (ЛОИ) во Париз во 2024 година. Гидсел презеде најголем дел на ова СП, откако ја предводеше Данска до нејзината четврта светска титула, а трета за него. Тој лани беше прогласен од Светската ракометна федерација (ИХФ) за играч на годината, а годинава го обезбеди своето второ признание во низа за најкорисен играч (МВП) на светските првенства.
Гидсел беше дел од олстар-тимот на неколку големи меѓународни натпреварувања, МВП на СП 2023, ЛОИ 2020 и 2024 и најдобар стрелец на ЛОИ 2024, СП 2023 и 2025 и на ЕП 2024. На Гидсел, кој беше најдобар стрелец на ова СП со 74 гола, во олстар-тимот му се придружија двајца соиграчи од Данска, голманот Емил Нилсен и левиот бек Симон Питлик, двајца играчи на Хрватска, десното крило Марио Шоштариќ и десниот бек Иван Мартиновиќ, Португалија ги има централниот бек Мартим Кошта и пикерот Виктор Итуриза, а освојувачот на бронзен медал на СП 2025, Франција, го има Дилан Нахи како најдобро лево крило на ова натпреварување. За хрватските ракометари, левиот бек Домагој Дувњак и централниот бек Игор Карачиќ ова беше наедно и последен настап за хрватската репрезентација.
Наградата за најдобар млад играч (до 21 година) ја доби Португалецот Франциско Кошта, кој со само 19 години имаше фантастичен настап. Тој постигна 54 гола и придодаде 22 асистенции, водејќи ја Португалија до нејзината најдобра завршница досега, четвртото место, притоа покажувајќи дека ќе игра голема улога во иднина. Португалија пропушти да освои медал, прв во нејзината историја на СП, но може да се гордее со својот вкупен настап, патем и со својот играч Густаво Капдевил, кој беше прогласен за играч на натпреварот за бронзен медал.
Најуспешната селекција на СП со шест злата, Франција, во драматичен и докрај неизвесен меч ја совлада Португалија со 35-34, во мечот за третото место, што е нејзин вкупно 13-ти медал, а петта бронза на СП, но, сепак, назадуваше за едно место од пред две години, кога беше втора.
Македонската репрезентација, која деветти пат настапи на едно СП, го освои солидното 15-то место. Во шесте натпревари забележа по две победи (Гвинеја 29-20, Катар 39-34), ремија (Унгарија 27-27, Австрија 29-29) и пораза (Холандија 32-37, Франција 25-32). Г.И.


Кузмановски е петти стрелец на СП 2025

Матијас Гидсел го заврши ракометното Светско првенство (СП) во Хрватска, Данска и во Норвешка како најдобар стрелец, со вкупно 74 гола од 107 обида или 69 отсто ефикасност, со што влезе меѓу најдобрите пет стрелци на сите времиња на едно СП. Тој го помина поранешниот соиграч од репрезентацијата Микел Хансен, кој во 2019 година 72 пати ја затресе мрежата.
Македонскиот лев бек и капитен на репрезентацијата Филип Кузмановски е петти стрелец, со 49 гола од 71 шут (69 отсто) на шест натпревари. Второто место го делат Португалецот Франциско Кошта и Французинот Дика Мем со по 54 гола, но првиот од 79, а вториот од 78 обида. Четврти е Данецот Симон Питлик со 50 погодоци од 67 шута.
На врвот и понатаму неприкосновен е Кирил Лазаров со 92 гола, реализирани на СП 2009 во Хрватска, најмногу на еден мундијал. Г.И.


ПЛАСМАН НА СП 2025

1. Данска, 2. Хрватска, 3. Франција, 4. Португалија, 5. Египет, 6. Германија, 7. Бразил, 8. Унгарија, 9. Исланд, 10. Норвешка, 11. Швајцарија, 12. Холандија, 13. Словенија, 14. Шведска, 15. Македонија, 16. Италија, 17. Австрија, 18. Шпанија, 19. Чешка, 20. Аргентина, 21. Катар, 22. Тунис, 23. Зелено`ртски Острови, 24. Чиле, 25. Полска, 26. САД, 27. Кувајт, 28. Јапонија, 29. Бахреин, 30. Алжир, 31. Гвинеја, 32. Кувајт.


ПРЕТХОДНИ ДЕСЕТ СВЕТСКИ ПРВЕНСТВА

СП ПРВАК
2007 Германија
2009 Франција
2011 Франција
2013 Шпанија
2015 Франција
2017 Франција
2019 Данска
2021 Данска
2023 Данска
2025 Данска

НАЈУСПЕШНИ РЕПРЕЗЕНТАЦИИ
НА СП
Франција 6 2 5
Шведска 4 4 4
Данска 4 3 1
Романија 4 0 2
колоните се златни, сребрени и бронзени медали

СЕРИЈАТА МЕДАЛИ НА ДАНСКА
СП 2019 злато
ЛОИ 2020 сребро
СП 2021 злато
ЕП 2022 бронза
СП 2023 злато
ЕП 2024 сребро
ЛОИ 2024 злато
СП 2025 злато