Фото: Маја Јаневска-Илиева

Бугарија како држава не ги исполни потребните критериуми за влез во шенген-зоната, но поради политички причини на почетокот на годината влезе во европскиот безграничен простор, исто онака како што со политичка одлука влезе во ЕУ. Сега официјална Софија поднесе барање за прием во еврозоната, без оглед што и за таму не ги исполнува потребните услови, па ресорниот министер побара од своите европски колеги да бидат пофлексибилни (да замижат) околу оцената на критериумите за влез на Бугарија во еврозоната

Бугарија зборува за принцип на „заслуги во евроинтеграциите“, а самата моли за флексибилност кога станува збор
за нејзините „заслуги“

Бугарија практикува една конзистентна политика на недоследност, лицемерна политика на два колосека, во која Македонија се увери врз свој грб, а таквите лицемерни политики ги продолжува и новата бугарска влада.
Она што сега постојано се слуша од бугарска страна тоа е дека тие несебично ќе ја поддржуваат секоја земја на нејзиниот евроинтегративен пат, но врз основа на нејзините заслуги. Се покажа изминатите неколку години дека за официјална Софија заслугите се однесуваат исклучиво на она што е бугарски интерес, а не она што се европски преговарачки критериуми.
Оваа позиција неодамна ја потврди и новиот шеф на бугарската дипломатија Георг Георгиев, во рамките на своето прво учество на состанокот на Советот за надворешни работи, кој повтори дека Бугарија има конзистентна политика за поддршка на европската интеграција на сите земји кандидати со строга примена на принципот на сопствени заслуги и спроведување на досега постигнатите договори.
– Бугарија има конзистентна политика за поддршка на европската интеграција на сите земји кандидати со строга примена на принципот на сопствени заслуги и спроведување на досега постигнатите договори. Само врз основа на реални резултати и напредок може да се изгради доверба меѓу кандидатите за членство и ЕУ, што е од клучно значење за успехот на интегративниот процес – рече Георгиев.
На овој начин новиот бугарски министер за надворешни работи уште еднаш јасно потврди дека Бугарија инсистира на конзистентност, заслуги и почитување на договорите само кога неа ѝ одговара, но кога е спротивно на нејзините интереси, тогаш бара пократки патчиња и разбирање од европските партнери.
Имено, Бугарија како држава не ги исполни потребните критериуми за влез во шенген-зоната, но поради политички причини на почетокот на годината влезе во европскиот безграничен простор, исто онака како што со политичка одлука влезе во ЕУ. Сега официјална Софија поднесе барање за прием во еврозоната, без оглед што и за таму не ги исполнува потребните услови, па ресорниот министер побара од своите европски колеги да бидат пофлексибилни околу оцената на критериумите и заслугите. А кога веќе зборува за почитување на договорите, Бугарија е пример за тоа како една земја не почитува договори, еднострано се повлекува од договореното кога некои работи не ѝ одат во прилог.

Своевремено Бугарија се повлече од Бледскиот договор откако претходно поранешна Југославија ѝ ги прости долговите за репарација. ОМО Илинден неодамна објави документ од 22 ноември 1947 со кој тогашните историски комисии помеѓу Македонија и Бугарија ги уредиле бугарските погледи на македонската историја. Станува збор за документи за исправки на историските читанки во Бугарија по Втората светска војна, поточно во 1947 година. Во документите се наведува дека промените се со цел да се спречи големобугарскиот шовинизам и се однесуваат на различни историски периоди за кои денес „спорат“ македонските и бугарските историчари. Бугарија се повлече и од тој документ. Официјална Софија не го почитува ниту Договорот за добрососедство и пријателство, бидејќи во него јасно се наведува дека ќе ја помага земјата на нејзиниот евроинтегративен пат, а не да ѝ одмага. Во тој договор никаде не пишува дека Македонија има обврска да спроведе уставни измени, туку тоа барање е производ на плановите на официјална Софија да ги оствари сите свои апетити од минатото преку процесот на преговори на Македонија со ЕУ.
Сите овие примери јасно ја отсликуваат лицемерната бугарска политика, која кога станува збор за нејзините интереси не држи воопшто до критериумите, заслугите и договорите, но кога станува збор за другите, тогаш се става во улога на неприкосновен оценувач на заслугите и инсистира на исполнување на секоја точка. С.Т.


Македонските уметници го откажаа учеството на манифестацијата во Софија по повод роденденот на Гоце Делчев

Селективните покани говорат за бугарскиот однос кон Македонија како држава

Македонските уметници што добија покана од фондацијата „Гоце Делчев“ на 4 февруари во Софија да учествуваат на заедничко чествување по повод 153 години од раѓањето на најголемиот македонски револуционер и идеолог Гоце Делчев го откажаа своето учество откако дознаа дека официјалните македонски власти не се поканети на настанот.
Имено, во рамките на манифестацијата, која е под покровителство на бугарскиот претседател Румен Радев, беше предвидено да се одржи свечен концерт со класична музика и поезија во училиштето во кое учел Делчев, сегашната воена академија „Георги Раковски“ во Софија.
– Сега ја отвораме можноста да се сретнат пратеници од двете држави, независно од кои политички партии, и да можат да си разговараат на една многу позитивна основа. И солистите и поезијата се од двете држави, има по 50-100 и од Македонија и од Бугарија, така што се надеваме дека ќе биде нешто многу позитивно. Се разбира, очекувам, има различни луѓе, но очекувам да дојдат – истакна Христо Христов, внук на Делчев и претседател на фондацијата „Гоце Делчев“.
Според извори од македонската влада, до нив не е пристигната никаква формална покана за заедничко чествување на раѓањето на Гоце Делчев, а државната агенда била однапред одредена и според неа премиерот на 4 февруари ќе се поклони пред гробот на македонскиот великан во црквата „Свети Спас“ во Скопје. Македонската претседателка Гордана Силјановска-Давкова, пак, за тој ден имала обврски на универзитетските активности во Штип. Ниту пратениците во македонското собрание не добиле покана за учество на овој настан во Софија и средба со нивните бугарски колеги.
Во време кога повеќе од потребно е да се воспостават заеднички мостови на соработка, Бугарија ја користи секоја ситуација да ги минира таквите обиди. Имено, ако веќе бугарскиот претседател е покровител на еден ваков настан и сакал покрај уметниците, да се сретнат и политичарите на двете земји, ќе испрател официјални покани до сите.
Од друга страна, тоа што се поканети само македонските уметници остава впечаток дека официјална Софија продолжува да не ја перципира Македонија како суверена држава, туку ги кани македонските уметници исто како да се обраќа до своите бугарски уметници, занемарувајќи ги македонските државни институции. Тоа дополнително отвора уште една дилема, дали претседателот Радев како покровител се става во позиција на претседател на сите, вклучувајќи и на уметниците од земјава, па не чувствува потреба никој друг да кани или барем да му посочи на организаторот кого сѐ треба да повика како што налагаат протоколите за вакви меѓународни чествувања.
Колку за потсетување, првите заеднички одбележувања започнаа во 2017 година по Договорот за добрососедство и пријателство, кога пред гробот на Делчев во Скопје дојде и поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов. На гробот на Делчев доаѓаа и други бугарски политичари, пратеници и функционери. Но по првото бугарско вето и зголемените тензии прекина со заедничките чествувања и продолжи старата практика секој да го одбележува настанот во согласност со сопствената историска перцепција.
– Си имаме своја историја и ќе си ја тераме како што досега сме ја учеле, нема потреба да ги мешаме работите. Несомнено, откажувањето на нашите уметници Бугарите ќе го искористат пред Европа да ја истакнат македонската некооперативност и одбивање на подадената рака, без оглед што државна делегација не е официјално поканета. Убаво рекол нашиот народ, неканет гостин зад врата седи, така што целта беше јасна – коментираат некои од македонските историчари. С.Т.