Фото: Маја Јаневска-Илиева

Вакцината против грип се препорачува за сите индивидуи бидејќи не предизвикува никакви контраиндикации или несакани ефекти. Докажано е дека вакцината против грип е многу безбедна. Потребни се две-три недели по вакцинацијата за да се стекне имунитет, а времетраењето на поствакциналниот имунитет опфаќа една сезона. Поради варијацијата на различни видови вируси на грип, кои можат да се менуваат секоја сезона, и времетраењето на имунитетот, вакцинацијата се спроведува секоја година. Вакцината ги штити помладите индивидуи во околу 70-80 отсто од случаите, додека постарите и оние со ослабен имунитет или со хронични заболувања во нешто помал процент

Во вчерашниот прв дел на темата за настинки и грип, а поврзано со превенција и здравствена индивидуална заштита од овие болести, пишувавме за општите заштитни мерки за сите категории на населението, вклучувајќи разновидна исхрана богата со витамини, за т.н. „суперхрана за суперодбрана од настинки и грип“, за потребата од строга лична хигиена и редовно и често миење раце, за неопходноста од покривање на носот и устата при кивање и кашлање и користење маски и марамчиња, за избегнување престој во затворени простории со голем број луѓе, за потребата од често проверување на собите, престој на свеж воздух итн. Денес, по сугестиите на многу медицински работници лекари и медицински експерти, ќе обрнеме внимание на најконкретната и најефикасна проверена заштитна мерка против грипот: Вакцинацијата против вирусот на грип!

Најефективната мерка за спречување грип е вакцинацијата

Светската здравствена организација (СЗО) препорачува вакцинирање на граѓаните во секоја критична сезона, со вакцина што содржи имунизација од соеви на вируси на грип што се регистрирани и што се во оптек. Вакцинацијата против грип не е задолжителна, но вакцината може да ја примат сите здрави индивидуи со возраст над шест месеци. Индивидуите над девет години добиваат само една доза. Меѓутоа децата на возраст од шест месеци до девет години што се вакцинирани против грип за првпат, без разлика на типот на вакцината, добиваат две дози во временска рамка од еден месец. Вакцината против грип се дава во мускулот на надлактицата за индивидуи над девет години. Децата под деветгодишна возраст ја примаат вакцината против грип во горниот десен дел на бутот.
Вакцинирањето против грип нема корист само за вакцинираните индивидуи туку и за целата заедница. Кога поголем процент од населението се вакцинира, ширењето на вирусот се намалува, а со тоа се заштитуваат оние што можеби нема да можат да ја примат вакцината, како што се луѓето со одредени медицински контраиндикации (што од одредени причини не можат да бидат вакцинирани). Ова популарно се нарекува „имунитет на стадо“ и е клучно за запирање на епидемиите, не само на грипот.
Повеќето вакцини против грип се тривалентни вакцини, што значи дека се состојат од три различни типови вируси. Најчесто тоа се два различни вируса на грип А (вируси H1N1 и H3N2) и вирусот на грип Б. Комбинацијата на вируси во вакцината се менува секоја година и се одредува врз основа на типовите на вирусите на грип што биле изолирани за време на претходната сезона на грип. Затоа, ефективноста на вакцината зависи од тоа колку добро избраната комбинација на вируси содржани во неа ќе влијае на типот вируси, што преовладуваат во дадена сезона.

Препорака е да се прима вакцина против грип секоја година

Во повеќето земји, кампањата за поттикнување масовно вакцинирање генерално започнува наесен, во средината на октомври, и трае до крајот на декември. Овој период се смета за најдобар за примање вакцина против грип, бидејќи ги зема предвид временските услови, како и периодот во кој се јавуваат најмногу случаи на грип, за што пишувавме вчера. Вакцината против грип се препорачува за сите индивидуи бидејќи не предизвикува никакви контраиндикации или несакани ефекти. Докажано е дека вакцината против грип е многу безбедна. Потребни се две-три недели по вакцинацијата за да се стекне имунитет, а времетраењето на поствакциналниот имунитет опфаќа една сезона. Поради варијацијата на различни видови вируси на грип, кои можат да се менуваат секоја сезона, и времетраењето на имунитетот, вакцинацијата се спроведува секоја година. Вакцината ги штити помладите индивидуи во околу 70-80 отсто од случаите, додека постарите и оние со ослабен имунитет или со хронични заболувања во нешто помал процент. Имунитетот по вакцинацијата трае од шест до 12 месеци. Бремените жени треба да се заштитат во вториот или третиот триместар од бременоста. Тоа ги штити и мајките од болести и компликации, како и бебињата во првите шест месеци од животот, додека не можат да се вакцинираат и на тој начин да создадат свои антитела за одбрана од грип.

Училишните деца претставуваат најголем расејувач на вирусот

Кога станува збор за здрави деца, тие не се изложени на особено поголем ризик од потешки форми на грипот. Сепак, децата, особено училишните, претставуваат најголем резервоар на вирусот. Децата го шират вирусот со невидена брзина и можат да се инфицираат подолго од возрасните, дури и до две недели. Сепак, децата со хронични заболувања се изложени на поголем ризик од компликации.
Натаму, во ранлива категорија на населението спаѓаат и трудниците, а со тоа и нивните бебиња, поради што трудниците треба да се вакцинираат. На пример, Светската здравствена организација (СЗО) ги идентификува бремените жени како прва приоритетна категорија за вакцинација против грип. Но треба да се издвои дека децата помлади од шест месеци, односно бебињата, не можат да ја примат вакцината против грип. Но, според СЗО, тоа е уште една причина нивните мајки да бидат вакцинирани, односно имунизирани.
За крај, издвојуваме дека т.н. контраиндикации за вакцината против грип (негативни ефекти на лекот/вакцината) вклучуваат алергија на јајца, пилешки протеини, неомицин, формалдехид, октоксинол 9 или која било состојка на вакцината. Лицата што имаат тековна, акутна инфекција или болест придружена со треска не можат да ја примат вакцината во тој момент, но откако овие симптоми ќе исчезнат, можат да закажат нов термин за вакцинација/имунизација во консултација со нивниот матичен лекар. С.Р.


Кусо потсетување за некои карактеристики на грипот

Грипот е една од најраспространетите заразни болести предизвикани од вирус (на грип). Вирусот се јавува секоја година, сезонски, во форма на помали или поголеми епидемии. Кај нас грипот вообичаено се регистрира како присутен меѓу населението во периодот од ноември до март. Предизвикувачкиот агенс на болеста кај луѓето е еден од двата типа вируси: А или Б, кои имаат способност да мутираат или да ја променат својата структура. Во зависност од тоа кој тип вирус е зафатен од мутацијата и степенот на промената, се јавуваат локални епидемии или пошироки епидемии. Малите мутации предизвикуваат сезонски епидемии, додека големите структурни промени се способни да предизвикаат пандемија, но тие се можни само кај вирусите од типот А и се случуваат во подолги временски интервали.
Според последните податоци, стапката на смртност од вирусот на грип во светот е меѓу 0,5 и 1 процент (околу 650.000 смртни случаи годишно). Грипот се пренесува првенствено преку капки – преку кашлање, кивање, зборување, директен контакт (на пр. ракување), а поретко преку контакт со контаминирани предмети (кваки, телефони, тастатури). Периодот на инкубација за грип варира од еден до пет дена (во просек два дена), меѓутоа, луѓето се заразни уште еден ден пред да се појават симптомите и четири до пет дена (максимум седум) по почетокот на болеста. С.Р.


Препознајте ги симптомите на грипот

Најчести симптоми се висока телесна температура (над 38 Целзиусови степени), треска, тремор, болки во мускулите и зглобовите; општа слабост и малаксаност; главоболка; кивање и течење на носот; болки во грлото; непродуктивна (сува) кашлица… Во некои случаи болеста може да добие потешка форма, поради поинтензивно ширење на вирусот низ телото или секундарно, како резултат на бактериска инфекција. Потешки форми на болеста и компликации, па дури и смрт, може да се појават кај секое болно лице, но особено кај оние што веќе имаат вродена или хронична болест, како и постари лица (над 65 години) и лицата со посилно ослабен имунитет. Болеста обично трае околу седум дена, а ретко и подолго, дури и ако нема компликации. Повеќето пациенти закрепнуваат со домашно лекување, симптоматска терапија според возраста и како што е препорачано од лекар. Ако се појават компликации, потребна е хоспитализација. С.Р.