Во спомен на познатиот писател за деца и некогашен уредник на „Колибри“

Познатиот писател за деца, новинар, преведувач и публицист Наум Попески (25.11.1947, Вевчани, Струшко – 20.1.2025, Скопје) не е веќе со нас, но остави многу зад себе, па за неговото творештво ќе учат и новите генерации.
Попески целиот работен век го мина како новинар во весникот,,Нова Македонија“, а неколку години беше и уредник на додатокот за деца,,Колибри“.
– Растев јас со „Колибри“, растеше и тоа со мене. Доживувавме промени. Некогаш бевме полетни, некогаш бевме задумани и зачудени, некогаш се запрашувавме што понатаму, но никогаш не се откажувавме од желбата да им го разубавиме детството на децата – велеше Попески.
И по пензионирањето, Наум со своите песни, раскази, сеќавања, интервјуа беше чест гостин на страниците на единствениот додаток за деца во македонскиот дневен печат. Неговите песни лесно допираа до детските срца, а често ги читаше и во живо на разни манифестации и литературни фестивали, во училиштата, во разни емисии за деца. Континуирано соработуваше и со списанијата за деца „Развигор“ и „Росица“, на издателството „Детска радост“ од Скопје.
Наум Попески беше плоден автор за деца и член на Друштвото на писателите на Македонија, а беше и чест гостин на сите фестивали на литературата за деца кај нас и во регионот.
Роден е во Вевчани во 1947 година. Основно образование завршил во родното место, а гимназија во Струга. Студирал на Филолошкиот факултет во Скопје (тогаш Филозофски факултет), на групата Книжевност и македонски јазик.
Негови попознати дела се збирките песни за деца „Ајде да растеме“ (1982), „Детелинка со четири листа“ (1995), „Изворчиња – поточиња“ (2007), „Летни – светни светулке“ (2012), „Наумување“ (2015); расказите за деца „Спомени во слики“ (2007). Попески е најпознат како автор на првиот бонтон за деца: „Бонтон за деца – убавината на убавото однесување“ (1999, реиздание во 2017), и сега актуелните „Во гората зелен лист – во градите воздух чист“ (2006) и „Екобонтон за деца“ (2007), „Поетот од Порече“, монографска книга во соавторство со поетот Саво Костадиновски (2018), „Чаробна крила“, избор од поезијата за деца на Наум Попески во препев на Душан Ѓуришиќ, доајен на поезијата за деца во Црна Гора (2018), „Златна диплома“ и романот „Тајните на дедовата воденица“ од босанскиот писател за деца Бајрузин Хајро Плањац, во превод на Наум Попески (2018 и 2022), „Дувни, дувни ветренце“, стихозбирка за деца (2019).
– Застапени се песни од секојдневието на децата, за природата, татковината, за другарството…Напишани се на едноставен јазик и со рима, за лесно да ги запаметат децата од претшколска возраст, но и оние од првите одделенија во основното училиште…Ова се песни за ведро и весело детство, кои се препознатливи кога станува збор за песни за деца од моето творештво – изјави по повод излегувањето на книгата Наум Попески.
За своето долгогодишно плодно поетско творештво за деца, добитник е на повеќе награди и признанија, како и на гран при за животно дело.
Песната на Попески, „Вевчани“, се најде во најновата антологија на поезијата за деца насловена „Книга за уживање“, во која се застапени познати писатели од регионот, чиј автор е поетот за деца Јово Чулиќ, кој живее и работи во Бања Лука, Босна и Херцеговина.
Последното дело што го објави Попески е книгата „Македонска азбука во стихови“, а автор е и на монографијата за Порече.
Со голема почит за Наум Попески, еден од најдобрите и најплодни македонски автори за деца, во овој број на „Колибри“ ќе објави дел од негово творештво.

М.Т.


Вевчани

Крај изворот во Вевчани
темјанушки жолти, сини,
дојди гледај и уживај,
само немој да ги кинеш.
Наоколу зеленгора,
кокичиња, цвеќа разни,
штом ги видиш,
сам ќе речеш:
– Ова е за бајки, сказни.
Тивко шуми Јабланица,
птици пеат крај водата,
за вевчанци, храбри
момци
и за Ставре војводата!
Тој што барем еднаш
дошол,
убавина што е сфатил,
па повторно, добредошол,
во Вевчани пак се вратил.
Блазе си ти, мило дете,
што те роди таква мајка,
во Вевчани, лично ликум,
ти да растеш ко во бајка!


Како зборуваме и како слушаме

Е, и тоа е интересна приказна. Како зборуваме и како слушаме?
Често кога двајца разговараат, обично се толку гласни, што тоа го слуша поблиската и подалечната околина?! Тоа се однесува и на децата, ама и на возрасните. И тоа – насекаде. Патувате во автобус, одите по улицата, сенекој со некого разговара, како да се надвикува. Ќе слушнеш сѐ и сешто. Не сакајќи, се разбира. А има ли потреба од тоа?
Зарем не е доволно да разговараш со некого толку гласно или толку тивко, колку да те слушне тој со кого разговараш. Притоа да не му пречиш никому. Оти, кого друг го интересира тоа што му го кажуваш на твојот другар? Не треба ни да се шепоти, особено не во друштво. Ако треба нешто да го знае само една личност, ќе ѝ се каже насамо, а не во друштво.
***
Еве, направете една мала драмска изведба за да проверите како изгледа тоа. Две-три деца заедно нека разговараат гласно, а две-три до нив нека разговараат културно и тивко…
(Од книгата „Бонтон за деца“ од Наум Попески)

„Везот“ на песните на чичко Волче

 

Кога во 1971 година се вработив како новинар во редакцијата на весникот „Нова Македонија“, се запознав и со поетот за деца Волче Наумчевски. Тој веќе беше пензионер, а јас новинар-приправник. Беше добар човек, педантен, и ми беше интересен кога раскажуваше за поетите од неговата генерација – Коле Неделковски, Кочо Рацин, Вапцаров…И често во попладневните часови одевме на кафе во легендарниот „Букет“, до зградата на „Нова Македонија“, кој беше постојано преполн со интелектуалци, познати уметници, новинари…
Навечер чекавме да излезе утрешниот број на весникот, а во вторник со додатокот за деца „Колибри“. Тоа беа интересни времиња, кои останаа во моите убави спомени.
Една вечер во понеделник, прелистувавме „Нова Македонија“ за утрешниот број,а во „Колибри“ имаше објавено една моја песна. Волче ја пофали и додаде дека тој пишува песни со внатрешна рима, а ги „везел“ на машина за чукање. Наскоро во „Колибри“ му отворивме рубрика „Чичко-Волчевото катче“, каде што секој вторник пишуваше интересни текстови, кои беа многу читани, не само од најмладите читатели.
Моето прво гостување меѓу учениците од основните училишта во Скопје го започнав токму со Волче Наумчевски, кој ме покани да дојдам во основното училиште „Ленин“ (сега „Гоце Делчев“), во центарот на градот.

(Од книгата „Анегдоти – згоди и незгоди на македонските писатели за деца“
на Наум Попески)