Приказната ја следи нарушената врска на Дони и Марта, која од момент во момент станува сѐ помрачна и понадреална и тоне во вител од негативни настани. Влијанието што го има Марта врз неговиот живот е од круцијално значење, но не во позитивна смисла. Дони е принуден да се соочи со една длабоко закопана мрачна траума што со себе ја носи Марта, а таа полека но сигурно станува дел и од неговиот живот и секојдневие. Оваа брилијантна морничава драма на шкотскиот комичар Ричард Гад влегува длабоко во потсвеста на гледачот. Тоа е тензично и морничаво шоу, кое ќе остане во вашите мисли долго време. Леснотијата со која Марта влегува и има способност да диригира со животот на Дони е застрашувачка. Нејзината опседнатост со него достигнува енормни граници, а таа се однесува како п рофесионален демнач

Рецензија за „Малиот ирвас“, добитник на „златен глобус“ за најдобра серија со ограничен број на епизоди

ТВ-шоуто „Малиот ирвас“ на шкотскиот актер, режисер и продуцент Ричард Гад ја доби наградата за најдобра серија со ограничен број на епизоди на последното издание на „Златните глобуси“. Оваа серија, во која главната машка улога ја игра самиот Ричард Гад, на „Глобусите“ се закити со уште една награда – најдобрата споредна женска улога отиде во рацете на актерката Џесика Ганинг, која без сомнеж ја заслужи оваа награда со своите извонредни актерски перформанси.
„Малиот ирвас“ е серија со ограничен број на епизоди и се состои од седум продолженија. Младиот Ричард Гад, кој е и креатор на ова шоу, е во главната улога и го игра младиот Дони Дан, момче што е несреќно што работи како шанкер во локален паб и сонува за голема кариера во светот на стендап-комедијата.
Но наместо успешна кариера, неговата животна приказна влегува во чудна, бизарна надолна спирала кога еден ден во пабот се појавува симпатичната, полничка, несигурна жена Марта Скот (Џесика Ганинг). Приказната ја следи нивната нарушена врска, која од момент во момент станува сѐ помрачна и понадреална и тоне во вител од негативни настани. Влијанието што го има Марта врз животот на Дони е од круцијално значење, но не во позитивна смисла. Дони е принуден да се соочи со една длабоко закопана мрачна траума што со себе ја носи Марта, а таа полека но сигурно станува дел и од неговиот живот и секојдневие.
Оваа брилијантна морничава драма на шкотскиот комичар Ричард Гад влегува длабоко во потсвеста на гледачот. Тоа е тензично и морничаво шоу, кое ќе остане во вашите мисли долго време. Леснотијата со која Марта влегува и има способност да диригира со животот на Дони е застрашувачка. Нејзината опседнатост со него достигнува енормни граници, а таа се однесува како професионален демнач.

Зборовите „испратено од мојот ајфон“ никогаш не звучеле позастрашувачки во минатото, но и никогаш повеќе нема да звучат исто по гледањето на „Малиот ирвас“. Оваа адаптација на драма за еден човек што се соочува со ужасната приказна за неговите искуства со жена демнач по име Марта е преточена во ТВ-серија со исклучителна веродостојност. Марта, која ја добива неговата е-адреса, почнува непрестано да му испраќа пораки, некогаш кохерентни и логични, но многу почесто тие се морничави и надреални. Секоја нејзина порака завршува со зборовите „испратено од мојот ајфон“. Алтер егото на Гад, Дони Дан, отпрвин не ги сфаќа сериозноста и опасноста на овие пораки и сѐ му изгледа како лесна дружба без обврски. Но како што однесувањето на Марта станува поопсесивно, така неговиот живот почнува нагло да се движи по опасни патеки, а тие двајца завршуваат во безизлезна ситуација, каде што конците ги држи налудничавата Марта. Дони конечно сфаќа дека е заложник на еден немилосрден лик, кој се храни од ужасот што тој го доживува. Уште пострашно е сознанието дека Дони не бил единствената жртва, туку во минатото и други луѓе биле жртви на демначот. Но најстрашно од сѐ е всушност фактот дека Марта воопшто не поседува ајфон.
Оваа вистинска приказна, иако е раскажана на еден бајковит начин, сепак во суштината има нешто многу помрачно од бајка. Креаторот Ричард Гад за првпат ја донесе оваа вистинска приказна пред очите на публиката во вид на едночасовна претстава, која се одржа во неговиот роден град Единбург во 2019 година. Ликот на Марта не постоел во оваа претстава, туку нејзината визија била прикажана преку празно шанкерско столче, а Гад користел мултимедија и снимки од пораките што таа им ги праќала на луѓето што ги демнела. Овој неконвенционален начин на претставување, невиден досега во една претстава, уште повеќе ја смрзнал крвта во жилите на гледачите. Чувството на опиплив, реален страв завладеал по претставата и ги обзел луѓето, кои не знаејќи за какво шоу станува збор, очекувале стендап-настап од комичарот Гад.

„Малиот ирвас“ е извонредно добро изведена кратка серија. Нејзиниот навидум лесен и певлив приказ во длабочината крие вознемирувачка сторија еквивалентна на хорор-филм. Непријатните кадри што одат блиску до ликот на Марта (Џесика Ганинг) ја зголемуваат естетиката на морничавост, дезориентираност и страв. Тензијата и притисокот се сеприсутни во текот на целото шоу. Гад без проблем навлегува во темните одаи на потсвеста и обработува теми како што се суровоста, одбивноста, срамот, стравот, егото и сожалувањето. Менталните болести и злоупотребата на психотропните супстанции исто така се теми со кои се занимава Гад. Тој исто така поставува загадочни и вознемирувачки прашања што се во корелација со траумите доживеани од овие негативни појави.
И покрај суровоста и стресот што ги предизвикува, „Малиот ирвас“ е исклучително компулсивна серија, која нема да ве остави да ја гледате на делови, туку ќе ве обземе во целост. Гледајќи го ова шоу, нема да посакате да пропуштите ни момент. „Малиот ирвас“ е дело што се гледа во еден здив.