Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека во декември 2024 година во однос на ноември 2024 година намалувањето на трошоците за живот за храна и безалкохолни пијалаци изнесува 0,3 отсто
Да се продолжат политиките за заштита на стандардот на граѓаните, а да се креираат и нови
Со „Новогодишната кошница“ беа спречени зголемување и дивеење на цените пред и за новогодишните и божиќните празници и беше одржано стабилно ниво на инфлацијата во декември 2024 и јануари 2025 година, за време на новогодишните и божиќните празници кога има зголемена потрошувачка, соопшти Министерството за економија и труд, со што оцени дека акцијата ја исполнила целта.
Со „Новогодишната кошница“ беа опфатени 1.178 производи од 96 производители и дистрибутери, а во акцијата се вклучија 51 маркет и таа се применуваше во 762 продажни места, како што е објавено и на веб-страницата „Моја кошница“ што Министерството за економија и труд ја отвори токму за потребите на акцијата.
– Ако ги согледаме бројките од анализата, сметаме дека акцијата „Новогодишна кошница“ беше успешна и придонесе за намалување на цените на производите што беа вклучени во неа – ни изјавија од Министерството за економија и труд.
Според Државниот завод за статистика, од податоците за индексите на трошоците на животот и на цените на мало за декември се забележува дека инфлацијата во 2024 година споредено со 2023 година изнесува 3,5 отсто, како што беше и проектирано. На месечно ниво пак во декември 2024 споредено со ноември 2024 година инфлацијата изнесува 0,3 отсто. Податоците на статистика покажуваат дека во декември 2024 година во однос на ноември 2024 година намалувањето на трошоците за живот за храна и безалкохолни пијалаци изнесува 0,3 отсто. Се очекува и во статистичките податоци за јануари 2025 година, во однос на декември 2024, да се потврдат ефектите од новогодишната кошница, односно да се оствари дополнително намалување на трошоците за живот кај храна и безалкохолни пијалаци – соопштуваат од Министерството за економија и труд.
Ова, како што наведуваат, покажува дека „Новогодишната кошница“ го дала својот ефект и цените на храната и пијалаците во декември 2024 година бележат намалување во однос на ноември 2024 година.
Заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески смета дека „Новогодишната кошница“ имала ефект затоа што, како што рече, видовме дека во текот на годината е постигната основната цел, а тоа е да го задржиме степенот на инфлација да биде 3,5 отсто на крајот на годината.
„Новогодишната кошница“ почна да се спроведува од 15 декември 2024 година, а заврши вчера. Акцијата креирана на предлог на бизнисот со поддршка на Министерството за економија и труд овозможи создавање поширока листа на одделни прехранбени производи со намалени цени на рафтовите во продавниците. Министерството за економија и труд во наредниот период најавува дека ќе продолжи да креира мерки и политики што ќе значат заштита на стандардот на граѓаните. Е.Р.
Заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески:
Покачувањето на платата треба да биде во контекст со подобрување на економската состојба!
Нам ни требаат и зголемување на продуктивноста на трудот и зголемување на продуктивноста, односно раст на производството, вработувањето, зголемување на БДП и економски раст, по што логично следува зголемен стандард, плати, пензии…
Во наредниот период ќе има покачување на платата и секогаш покачувањето на платата на јавната администрација треба да биде во контекст со подобрување на економската состојба во Македонија. Но, тука ќе требаат и зголемување на продуктивноста на трудот и зголемување на продуктивноста на административните услуги спрема граѓаните, бидејќи ние не треба да заборавиме дека, сепак, јавната администрација е сервис на граѓаните рече заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески.
Предизвикот на оваа влада, потенцира заменик-министерот Ристески, е да се направи системско решение на долг рок, каде што ќе бидат хармонизирани платите по исти позиции во различни институции во јавниот сектор во државата. Тој посочи дека покажуваат голем интерес за носење на законот за државните службеници, во кој, како што напомена, ќе бидат регулирани коефициентите и сите поволности што ќе ги нуди законот за вработените во јавниот сектор, како донесување 13-та плата, К15 итн. Е.Р.
Апел за задржување на намалените цени на основните прехранбени
производи
Ако се забележи нагло покачување, ќе има и други мерки
Заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески упати апел до сите трговци барем основните прехранбени производи што се најпотребни за трпезите на македонските граѓани да ги остават со исти цени.
Конкретно, Ристески истакна дека доколку биде забележано нагло покачување на цените на основните прехранбени производи, тогаш институциите ќе бидат принудени да ги замрзнат цените.
– Доколку почувствуваме нагло покачување на цените на одредени производи, тогаш ќе бидеме принудени да применуваме најнепопуларни мерки, со кои ќе има замрзнување на цените на одредени прехранбени производи. Се надевам дека нема да дојде до тоа. Тие треба да имаат степен на општествена одговорност спрема граѓаните. Не треба да дозволиме ниту бизнис-секторот ниту Владата да имаме вештачко покачување на цени, инфлација, што ќе се одразува негативно по џебот на граѓаните – рече Ристески. Е.Р.