Техно
Кинеската технолошка компанија „Пуду роботикс“ ја претстави својата најнова креација – хуманоидниот робот Пуду Д9. Напредната машина, која е висока импресивни 170 сантиметри и тежи 65 килограми, е дизајнирана, според нејзините креатори, „да го редефинира начинот на кој комуницираме со машините“. Кинеските инженери тврдат дека Д9 не е само уште еден робот туку сестран асистент способен да извршува широк спектар на задачи во различни средини. Напредната вештачка интелигенција му овозможува да врши „мултимодални природни интеракции на човечко ниво“.
Пуду Д9 е робот за „напредна мобилност“, што му овозможува да се движи со брзина до 7,25 километри на час, што е побрзо од просечната брзина на човечко одење. Може да се движи нагоре и надолу по скали и да одржува рамнотежа дури и кога ќе падне или ќе се преврти.
Роботот користи високопрецизни сензори за интелигентна навигација. Тој создава семантички 3Д-мапи на својата околина во реално време, со кои автономно ги планира своите правци на движење и прецизно самопозиционирање. Тоа му овозможува на роботот да се справи со различни задачи, како што се чистење и вакуумирање, носење разни работи и предмети, редење кутии во магацини и продавници… Може да носи до 20 килограми товар. Поради сите свои напредни карактеристики, Д9 е повеќенаменска машина со различни можности за примена во широк спектар на области.