Фото: Маја Јаневска-Илиева

Внимателно: Во наредните денови претстои исклучително ладно време, со многу ниски температури на воздухот

Во наредните денови претстои исклучително ладно време, со многу ниски температури на воздухот. Во ноќните и во утринските часови насекаде низ Македонија температурите ќе се спуштаат под нулата, на повеќе места и на минус 10 Целзиусови степени, а во делови од земјата и на минус 15 степени.
Со оглед на тоа дека насекаде низ Македонија има снежна покривка и појава на силен мраз, кој се очекува и до крајот на седмицава, се апелира до возачите да внимаваат како се движат по лизгавите коловози, односно да се движат со намалена брзина, а и пешаците да бидат крајно внимателни при нивното движење, за да не дојде до пад и до создавање повреди кај граѓаните.

Снегот ја оптовари итната помош: Над 250 интервенции за три дена

Скопската итна медицинска помош во период од три дена (од 11 до 13 јануари) имала вкупно 254 интервенции поради врнежите на снег и појавата на голомразица, информираат оттаму.
Во рамките на интервенциите имало и сообраќајки, повредени граѓани што паднале лизнувајќи се по мразот, лица во алкохолизирана состојба што добиле повреди, но и некои што завршиле со повреди во физички пресметки.
Од итната помош апелираат да не се излегува без потреба, што особено важи за децата и повозрасните, како и да се почитуваат советите од АМСМ за внимателно возење и за носење зимска опрема.

Граѓаните да ги следат апелите и инструкциите на институциите

Јавното претпријатие „Македонија пат“ упати барање до сопствениците да ги отстранат сите возила на патниот правец скијачки центар Маврово – Бунец преку Никифорово и Леуново за екипите на претпријатието да можат непречено да работат.
Од „Македонија пат“ информираа и за укинување на забраната за сообраќај за тешки товарни возила на планинскиот премин Ѓавато, како и на забраната за сообраќај за тешки товарни возила преку планинскиот премин Пресека. Н.М.