„Колибри“ постои за децата и за оние што се чувствуваат млади, па затоа еднакво им се радува на своите читатели. Деновиве до нашата редакција пристигна една прекрасна фотографија од малечката Јана Котеска од Гостивар, која ни ја испрати нејзиниот татко.
Јана е многу малечка, има само тринаесет месеци и уште не знае да чита, но затоа нејзините големи батковци Филип и Горјан, кои веќе одат во училиште, читаат „Колибри“.
Благодарение на татко им Андреја, секое утро во нивниот дом пристигнува најновиот број на „Нова Македонија“, кој традиционално се чита со радост.
Се радуваме што и малечката Јана веќе се дружи со нашето „Колибри“ и ќе чекаме да порасне, па да научи да чита, а можеби и ќе почне да пишува песнички што ќе ни ги испраќа за да ги објавуваме.
Во меѓувреме Јана јаде, спие и се смее, а понекогаш и плаче. Зошто плаче Јана, прочитајте во песната што специјално е создадена за неа.

Ве сака вашето „Колибри“


Зошто Јана плаче?

Зошто плаче Јана,
Гого и Филип проверуваат,
па тргнаа низ домот
сите да ги прашуваат.
Тато, зошто плаче Јана?
– Малку спиеше,
рано стана.

– Мамо, зошто плаче Јана?
Сака да ѝ дадам храна.

Јана јадеше, Јана преспа,
ама пак плаче без престан.

Тогаш Филип и Гого се сетија.
Знаеме зошто Јана плаче.
На Јана ѝ никнува ново запче.

Филип Димкоски