Камион што се излизгал а потоа и се извртел на автопатот „Пријателство“, на делницата од Демир Капија до Смоквица, целосно го прекина сообраќајот на овој патен правец од 15.50 часот, а возилата се пренасочуваат по стариот пат.
Веста за МИА ја потврди Виктор Паласкаров, раководител на Секција Гевгелија при ЈП „Македонија пат“.
Соред него, сообраќајот е прекинат кај местото Јаворица во близина на тунелите кај Демир Капија и надлежните органи преземаат мерки за извлекување на извртениот камион, а дотогаш сообраќајот ќе се одвива по стариот пат.
Инаку, сообраќајот на овој патен правец во обратна насока од Смоквица кон Демир Капија се одвива без проблеми во зимски услови, а „Македонија пат“ со целокупната расположива механизација и работна сила е вклучена во расчистување на патиштата во овој дел на државата.
Активни забрани за тешки товарни возила има и на патните правци:
– Гостивар – Маврово-Дебар
– Гостивар – Стража-Кичево
– Пресека
– Плетвар
– Ѓавато
– Струга – г.п. Ќафасан
– М.Брод – Прилеп преку планинскиот превој Барбарос
– Тетово – Попова Шапка (за останатите видови на возила задолжителна е употреба на зимска опрема).
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
ЈП Македонија пат во текот на целиот ден врши расчистување на снегот на државните патишта со сите технички и човечки ресурси и ги одржуваат сите патни правци проодни – велат од Министерството за транспорт.
– Апелираме до сите возачи да ги почитуваат законските одредби за одвивање на сообраќај во зимски услови и задолжително да поседуваат зимска опрема за возилата, внимателно да управуваат со возилата, да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација, како и да ги почитуваат препораките од сообраќајните служби особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Сите детални информации учесниците во сообраќајот можат да ги добијат од дежурните служби на ЈП Македонија пат на телефонот 02 25 61 502 – се наведува во соопштението на Министерството.