Фото: З.А.

Аерозагадувањето е еден од горливите проблеми што се присутни во Кичево во изминатите двасетина години. Речиси да нема ден кога мерната станица во Кичево не покажува високо аерозагадување во градот, што од друга страна се рефлектира врз здравјето на луѓето. Тоа го потврдуваат и големите гужви во амбулантите во овој период од годината. Сите досегашни обиди да се реши овој проблем завршуваат само на зборови.

-Се додека во нашиот град не се реши проблемот со затоплувањето на домовите, Кичево ќе биде помеѓу градовите лидери според аерозагадувањето. Кичевската котлина е релативно мала, станбената изградба е доста интензивна, а во градот има се повеќето автомобили. Тоа се трите најгорливи проблеми кои се и главни фактори за појава на овој проблем кој секако крајно негативно делува врз здравјето на луѓето, пред се на децата, хронично болните и старите. Проблемот е толку сериозен што државата почнувајќи од самиот врв па се до локалната самоуправа, треба да преземе сериозни чекори овој проблем еднаш и засекогаш да биде разрешен. Во спротивно се повеќе ќе имаме респираторно болни лица, безмалку сите ќе имаат проблеми со дишењето, срцевите болни, лицата со коморбидитети и децата. Оваа порака одговорните нека ја примат најсериозно, бидејќи време за чекање секако нема – истакна Ѓорѓи Белески, екологист.
Инаку вчера попладне вредностите на воздухот во градот беа за четири пати над нормала, а оваа бројка често е многукратно поголема. И денес Кичево е лидер според аерозагадувањето со двојно повисоки вредности од дозволеното и изнесува 89 микрограми на метар кубен ПМ2,5 честички.Можеби најавените врнежи од дожд и снег, барем накратко ќе ја подобрат состојбата. З.А.