Фото: ЕПА

Врховниот суд на Њујорк денеска го одби барањето на новоизбраниот претседател Доналд Трамп за одложување на пресудата, закажана за утре, во случајот со исплата на пари на порно актерката Сторми Даниелс за да молчи за наводната афера со републиканец, рече судски службеник.

Трамп вчера поднесе барање за итна интервенција, еден ден откако Апелацискиот суд во Њујорк го одби неговото барање за одложување на изрекувањето на пресудата, јави Си-ен-ен.

Адвокатите на Трамп рекоа дека одложувањето е неопходно „за да се спречи сериозна неправда и штета врз институцијата на претседателството и функционирањето на федералната влада“.

Судијата Хуан Мерчан, кој го води судењето, го одби барањето на Трамп да го одложи изрекувањето на пресудата.

Трамп беше осуден во мај за фалсификување деловни документи поврзани со исплати на неговиот поранешен адвокат Мајкл Коен, кој платил 130.000 долари на Даниелс за да ја спречи јавно да зборува за наводната афера пред изборите во 2016 година. Трамп ја негираше аферата.

Мерчан ја потврди пресудата на Трамп минатата недела. Поротата на Менхетен во мај го прогласи Трамп за виновен по 34 точки од обвинението за фалсификување деловни досиеја за да се прикрие исплатата. Тоа беше првпат американски претседател, поранешен или сегашен, да биде осуден или обвинет за кривично дело. За фалсификување деловни книги се предвидува затворска казна до четири години, но затворската казна не е задолжителна.