Деновиве Кичево живее доста интензивно со зголемен број на граѓани во локалите, продавниците, бутиците а видлив е и зголемениот број на автомобили низ градот. Причината лежи во традицијата што ја негуваат гастарбајтерите во европските земји а се родум од Кичево и Кичевијата. Тие го користат зимскиот одмор да дојдат во земјава да се видат со своите најблиски а поголем дел од нив тука да ја дочекаат и Новата година.
– Вообичаено пред Новата година за празникот католички Божиќ, во Кичево на зимски одмор се враќаат гастарбајтерите родум од овој крај, кои работат во западноевропските земји. Иако одморот е нешто пократок за разлика од летниот, сепак живоста во градот е зголемена како и прометот во трговските и угостителски објекти. Овој интензитет на промет ќе продолжи се до Новата година и малку потоа . Ние мораме да бидеме задоволни бидејќи остварениот промет е добра подлога за периодите кога прометот е послаб и кога гастарбајтерите се наоѓаат на своите работни места во земјите од каде што доаѓаат- вели Рамазан, трговец во старата кичевска чаршија.
Угостителите исто така задоволни тријат раце бидејќи деновиве речиси без исклучок сите локали во градот се преполни со гастарбајтери кои ја искористиле оваа можност да се вратат во земјава на зимски одмор.
-Од пред неколку дена живоста во нашиот локал е многу поголема со враќањето на печалбарите во земјава. Тие фамилијарно со своите најблиски многу често доаѓаат во нашиот локал да ручаат да вечераат или едноставно да се дружат и испијат по едно кафе. Така ќе биде се до првиот викенд од јануари кога најголем број од нив ќе се вратат во земјите каде што работат – вели Алија Коџаџиклиоски, угостител во локал во средиштето на градот.
Снегот што пага деновиве создаде вистински зимски амбиент во градот, што не беше случај претходните години. З.А.