Фото: Петмината првопласирани на турнирот

ЗАБРЗАН ШАХ

Александар Кралевски прв на ветеранскиот
турнир „Снежник“

ФИДЕ-мајсторот (ФМ) Александар Кралевски (рејтинг 2.154, рангиран прв пред почетокот на турнирот) победи на четвртиот годинашен ветерански турнир во забрзан шах „Снежник“, кој во чест на првиот зимски ден и слава на големиот заштитник и добротвор Свети Никола се одржа во Скопје во одлична организација на шаховскиот клуб на ветерани „Скопје 72“. Во конкуренција на 27 шаховски ветерани не помлади од 60 години, по седум борбени и неизвесни кола (време за размислување 15 минути, плус 10 секунди по секој потег), Кралевски освои 5,5 поени, колку што имаше и ФМ Љубомир Илиќ (2.054, рангиран трет), но поради послаб дополнителен критериум е втор. Третото место му припадна на ФМ Љубиша Андоновски (2.147, рангиран втор) со пет поени, а четврти е Илија Стошевски (2.033), исто така, со пет поени, но со послаб дополнителен критериум. Просечниот рејтинг на турнирот беше 1.840 поени, се одиграа вкупно 90 партии, притоа белите фигури славеа во 47 партии, црните во 28, а 15 дуели завршија без победник. Г.И.


АЛПСКО СКИЈАЊЕ – СВЕТСКИ КУП

Одермат и сезонава води во трките за четирите трофеи што ги освои лани

Марко Одермат, победникот во велеслалом, супервелеслалом и во спуст, како и во генералниот пласман за минатата сезона во Светскиот куп во алпско скијање, повторно е на врвот на сите овие табели за сезонава, по двете победи викендов во италијанските скијачки центри, прво во саботата во спуст во Вал Гардена, а потоа во неделата во велеслалом во Алта Бадија.
Тој сега има 41 победа во Светскиот куп. Лео Ангено (Франција) со второто место првпат се пласира на подиумот во трка од Светскиот куп, а Александер Стин Олсен (Норвешка) ја продолжи својата одлична сезона (има и една победа во велеслалом и е петти во вкупниот пласман во Светскиот куп), со освоеното трето место, пишува Интернационалната скијачка федерација (ФИС).
Тоа беше и петта победа за Одермат во Алта Бадија, каде што сезоната на Светскиот куп продолжи вчера, со трката во слалом, дисциплина во која до таа трка водеше второпласираниот во вкупниот поредок Херик Кристоферсен (Норвешка), со 20 бода повеќе од Клемен Ноел (Франција). Н.М.


СКИЈАЧКИ СКОКОВИ – СВЕТСКИ КУП

Следува 73-та новогодишна турнеја Четири скокалници

Четирикратниот светски јуниорски шампион Даниел Чофениг (Австрија) продолжи да го покажува својот потенцијал за сениорски успех, со својата втора победа во Светскиот куп сезонава во скијачки скокови, на натпреварот во Енгелберг (Швајцарија), пишува Интернационалната скијачка федерација (ФИС).
Тој пред две недели ја оствари првата победа во Светскиот куп, а беше на второто место на првиот натпревар викендов во Енгелберг, во саботата. И покрај предизвикувачките услови, со ветар и со обилни снежни врнежи, Чофениг во неделата имаше уште подобар настап, беше прв пред сонародниците Јан Херл и Стефан Крафт, пишува ФИС. Германецот Пиус Пашке остана на врвот во вкупниот пласман со 715 бода, пред Чофениг (636), Херл (631), Крафт (467)…
Сезоната продолжува со традиционалниот настан, 73-та новогодишна турнеја Четири скокалници. Првиот натпревар на програмата е в недела, во Оберсдорф (Германија), а потоа на 1 јануари во Гармиш Партенкирхен (Германија), на 4 јануари во Инсбрук (Австрија) и на 6 јануари во Бишофсхофен (Австрија). Од водечките четворица сезонава во Светскиот куп, еден трофеј на новогодишната турнеја освои Крафт (во 2015 година), а актуелен шампион е трикратниот победник Рјоју Кобајаши (Јапонија), кој триумфира и во 2019 и во 2022 година. Н.М.