На 25 декември, со почеток во 19.30 часот, во „Лабораториум“ ќе биде промовирана книгата „Ретки птици“ на нашиот публицист и музички новинар Ненад Георгиевски. Тоа е книга што изобилува со длабоки размислувања и гледишта од истакнати уметници и мислители што ја збогатуваат македонската и светската културна сцена. Настанот ќе биде збогатен со настап на џез-гитаристот и професор Сашо Поповски. Промотори се Александра Јуруковска и Милан Дамјаноски.
Книгата е организирана во два дела, насловени „Мелодии“ и „Зборови, слики и патувања“, и во првиот дел содржи интервјуа со познати музички имиња, како Рај Кудер, Збигњев Прајснер, Влатко Стефановски, Стив Ваи, Тереза Салгеиро, Бранко Николов (Фолтин), Џон Апелгрен и многу други. Посебно место во книгата зазема интервјуто со семејството на Жан Мишел Баскијат за изложбата „Кинг плежр“, одржана во Њујорк во 2022 година. Вториот дел, „Зборови, слики и патувања“, опфаќа разговори со уметници и креативци од различни области, вклучувајќи фотографи (Масајоши Сукита и Оливер Белопета), графички дизајнери (Зоран Кардула и Симон Калајџиев), поети (Бранко Николов-Пијан Славеј), сликарот Ване Костуранов, Владимир Мартиновски, режисерот Жарко Иванов, патописците Урош Крчадинац, публицистите Тони Димков и Александар Трајковски, учителката по таи чи Дана Сиљан и други.
Книгата е издание на „Полица“.