Фото: Музеј-галерија Кавадарци

Изложбените активности Музеј-галерија во Кавадарци за 2024 година ги заокружи со прекрасната изложба на еден од најинспиративните ликовни уметници, Синиша Кашавелски од Куманово чие оворање се случи синоќа во присуство на голем број љубители на уметноста. Иако бил ученик на генерацијата во „Лазар Личеновски“ и студент на генерацијата на факултетот за ликовни уметности во Скопје долго време не добивал подршка од никаде и никого се додека не се случи неговата интернационална кариера која започнува во Франција.

Денес Синиша Кашавелски се вбројува меѓу Топ 10-те уметници на реализмот во светот кој изложувал во најпознатите галерии во Франција, Германија, Италија, Њујорк, Сингапур, Пекинг и во многу други земји. Апсолутен победник е на бројни интернационални конкурси како што е Marchionni Prize во Сардинија – Италија, Гран при на Art Exspo во Венеција, Jumbish World Art Competition во Индија со делото „Судбоносно време“ кое е наградено и во Рим и Америка.

Фото: Музеј-галерија Кавадарци

Последното признание кое Кавашелски го добива деновиве е специјалната награда Artelibre на ModPortrait Contekst а награденото дело оди на изложбата на финалистите на Европскиот музеј за модерна уметност МЕАМ во Шпанија.

Неговата интернационална кариера започнува во 2012 година на Зимскиот салон во Париз Art Kapital , еден од најголемите и најстарите во светот со учество на над 2 000 уметници кога ќе биде препознат неговиот талент и награден со бронзена награда. Наредните години на тој ист зимски салон на уметноста во Париз освојува златна и сребрена награда.

По овој голем успех Синиша Кашавелски станува член на Друштвото на француските уметници но и во Друштвото на уметниците на Академијата на Франција по што е одликуван со Орден за заслуги во уметноста во Франција. Во 2015 година во конкуренција од над 600 уметници од целиот свет ќе ја добие наградата Гранд при за сликарство за делото „Искушение“ на изложбата „Салон на убави уметности“ што под стаклената пирамида во Лувр ја организира Националното здружение на ликовни уметници во Франција.

Фото: Музеј-галерија Кавадарци

Изложените слики од големиот опус на Синиша Кашавелски кои синоќа имаше можност одблизу да ги види кавадаречката културна јавност предизвикаа огромен интерес. Неговите слики носат големи пораки , ќе тераат да им се навраќаш повторно и повторно, да ги откриваш како ребус загатките и скриените пораки те потикнуваат на уште поголема љубопитност. Оттаму ексентричноста која ја поседува Кашавелски се совпаѓа со неговата реализираноста самоисполнетост и длабока припадност на исконската средина во која природно опстојува. Затоа иако ја има можност да има свое атеље на азурниот брег во Франција тој се враќа во својата Македонија и гради летно атеље во Старо Нагоричани во близина на Пчиња со поглед на Козјак и Кокино.

За неговите дела има голема побарувачка па моментално се е однапред резервирано и продадено па затоа е во процес на брендирање на неговото име и творештво.