Во кафе-книжарницата „Буква“ се случи петтото издание на мултимедијалниот настан „Клинци“, во организација на здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“ со поддршката од „Јуроп хаус“. Во рамките на настанот се одржа книжевно читање на кое настапија младите автори: Дамјана Видическа, Милена Сиљаноска, Теодор Тасевски и Андреј Медиќ Лазаревски. Настанот го модерираше поетесата Марија Велинова.
На ова издание на „Клинци“ учествуваа и претставници од „Скопје колаж колектив“, кои се претставија со изложба составена од избор колажи од нивните предизвици. Автори на изложените колажи се: Јане Вељаноски, Николета Георгиевска, Мартина Даниловска, Филип Зарков, Ива Јованова, Теодор Јуруковски, Андреј Медиќ Лазаревски, Катерина Мандариќ, Стефан Назифовски, Димитар Назифовски, Марко Трпески.
Изборот за изложбата е направен од основачите на колективот, Филипа Сара Попова и Марко Трпевски. По настанот, во организација на кафе-книжарницата „Буква“, се одржа и концерт на Симеон Ангеловски квартет – Симеон Ангеловски, бас, гитара; Андреј Петровски, гитара; Давид Георгиев, тапани и Иван Иванов, саксофон. Со овој настан „Култура Бета“ ги затвори програмските активности за оваа година.