Кичево во зимските месеци влегува во групата на градови со рекордно аерозагадување. Проблемот лежи во несоодветното затоплување на домовите со влажни дрва, прегорено масло, стар мебел…
Денеска Кичево го зазема водечкото место според загадувањето на амбиенталниот воздух во земјава и бележи аерозагадување за осум пати повисоко од дозволените 50 микрограми на метар кубен.
Проблемот го чувствуваат сите генерации на граѓани на градот, а тоа се одразува пред се на хронично болните, старите и децата.
-Општо е познато дека воздухот во Кичево во месеците кога стартува грејната сезона е многу загаден, што секако негативно се одразува врз здравјето на неговите жители. Главните проблеми се создаваат со затоплувањето на домовите со влажни дрва како и со прегорено масло, стари гуми, стар мебел и се што ќе им дојде до рака на граѓаните за затоплување на домовите притоа не водејќи сметка дека го загрозуваат и нивното здравје и здравјето на сите жители на градот. Токму и аерозагадувањето во овие месеци е причина да за зголемен број пациенти кај матичните лекари кои се жалат на кашлица, тешко дишење и други болести. За жал барем досега од градските структури не слушнавме да преземаат некакви мерки или апел за да се намали затоплувањето на домовите со наведените продукти што доведува до загадување на амбиенталниот воздух на рекордно ниво – вели екологистот Коце Наумоски. З.А.