Фото: ЕПА

Францускиот Врховен касационен суд ја отфрли жалбата на екс-претседателот Никола Саркози против пресудата за корупција и злоупотреба на влијание, изрекувајќи му ефективна една година затвор – казна што никогаш не му била изречена на поранешен шеф на француска држава, објавија француските медиуми и Ројтерс. Покрај тоа, 69-годишниот екс-претседател доби две години условна, како и три години во кои не може да се кандидира за изборна функција.

Се очекува Саркози да се појави пред судијата за изрекување на пресудата, кој ќе ги утврди деталите за носењето на електронската наногица.

Во 2021 година Саркози беше осуден за обид за поткуп на судија и за злоупотреба на влијание.

Адвокатот на Саркози, Патрис Спиноци, рече дека ќе се придржува до казната, но додаде дека поранешниот претседател планира да поднесе жалба до Европскиот суд за човекови права, забележува АФП.

Саркози се очекува да му се суди следната година за обвиненијата за корупција и незаконско финансирање поврзани со неговото наводно примање средства од Либија за неговата претседателска кампања во 2007 година. Доколку биде прогласен за виновен за тоа обвинение, тој може да се соочи со казна затвор до 10 години, пренесе Ројтерс.