Македонската гајда и официјално е на светската културна мапа, заедно со „Чет’рсе“, „Копачката“, „Гласоечкото пеење“, „Х’дрлез“ и „Мартинките“, информира министерот за култура и туризам Зоран Љутков по повод впишувањето на „Традиционалната изработка и свирење на гајда“ на репрезентативната листа на УНЕСКО за нематеријално културно наследство на човештвото. Тој посочи дека годинашната номинација е мултинационална, заедно со Република Турција, бидејќи, како што рече, турските пријатели партиципирале со нивниот тип гајда именуван како „тулум“.
– Македонската гајда, од 5 декември и официјално е на светската културна мапа, заедно со „Чет’рсе“, „Копачката“, „Гласоечкото пеење“, „Х’дрлез“ и „Мартинките“. Ова е многу важен момент за македонската култура, бидејќи по седум години пауза, повторно сме дел од големото семејство на УНЕСКО, во кое нашата земја членува од 1993 година. Во тој контекст сакам да потенцирам дека од вкупниот број наши впишани нематеријални добра, две се заеднички со Република Турција, тоа се: пролетните празнувања на турската заедница од Југоисточна Македонија – „Х’дрлез“, елемент впишан во 2017 година, и годинашнава успешна номинација на народниот музички инструмент гајда, со која аплициравме како мултинационална номинација заедно со Република Турција, во која нашите турски пријатели партиципираа со нивниот тип гајда именуван како „тулум“ – рече Љутков.
Според Љутков, гајдата не е само инструмент туку таа е и приказна што се пренесува низ генерациите.
– Гајдата, со нејзиниот уникатен звук, е симбол на нашиот идентитет, на нашите корени, на нашата традиција и звучен архетип на македонската душа. Таа не е само инструмент туку е и приказна што се пренесува низ генерациите, приказна што обединува, инспирира и ја слави нашата културна посебност. Тоа што ова културно богатство се најде на листата на УНЕСКО не е успех само за гајдата, тоа е успех за целата наша култура. Ова е потсетник за моќта на традициите да ги обединат луѓето и да создадат мостови на разбирање и соработка – рече тој.
На прес-конференцијата учествуваа и директорката на Управата за заштита на културното наследство Весела Честоева; професорот за народни инструменти од Факултетот за музичка уметност при УКИМ, Драган Даутовски; Велика Стојкова Серафимовска, експертка на УНЕСКО за нематеријално културно наследство; како и советникот за култура и информации во Амбасадата на Република Турција во земјава, Махир Енес Оздемир.
Директорката на Управата за заштита на културното наследство рече дека македонската гајда, благодарение на неколкумина професионални музичари од Народниот оркестар на Македонската радио-телевизија и од ансамблот „Танец“, од втората половина на 19 век наваму, преку семинарите од меѓународен карактер, ги прошири значењето и вештината на свирење македонска гајда на три континенти.
Според советникот за култура и информации во Амбасадата на Турција во земјава, Махир Енес Оздемир, успехот не значи само промовирање на културите на двете земји туку е и значаен чекор кон дополнително зајакнување на културните врски што двете земји заеднички ги презентираат во светот.