Секторот за борба против тероризам поднесе кривична пријава против четири лица до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Г.М. (21) од Гостивар е обвинет за создавање терористичка организација, додека Х.Б. (32) од Струга, Р.С. (38) и Т.М. (27) од Гостивар се обвинети за учество во истата организација.
Како што соопштуваат од Министерството за внатрешни работи, Г.М. на почетокот на 2024 година формирал терористичка „ќелија“ со идеолошка матрица на ИСИС, со намера за изведување терористички акти на територијата на Македонија.
– Г.М. на почетокот на 2024 година создал терористичка организација во која членуваат Х.Б., Р.С. и Т.М., како и уште неколку засега непознати лица, па сите заедно формирале терористичка организација- „ќелија“ со основи на идеолошката матрица на познатата терористичка организација ИСИС, со намера за изведување на терористички акт на цивилни или таканаречени меки цели, односно јавни објекти на територија на Република Северна Македонија. За остварување на таа намера, Г.М. формирал повеќе групи на социјалната мрежа телеграм, во кои што споделувал претходно набавен и преведен пропаганден материјал на ИСИС и регрутирал нови членови, се обидел да набави огнено оружје, а набавил и упатства за изработка на импровизирани експлозивни направи кои што потоа требало да ги искористат за извршување на терористички напади. Х.Б., Р.С. и Т.М. членувале во дел од телеграм групите, каде што се споделувале преведени материјали кои претходно биле преземени од официјални медиуми користени од терористичка организација ИСИС како што е “EN-Nebe“ (официјален весник на ИСИС) – стои во соопштението од МВР.
Оттаму дополнуваат дека при претрес во неговиот дом, пронајдени и одземени се иштол „гап“ кал.8 мм со празна рамка со метален додаток, два лап топ компјутери, полнач за лап топ, два мобилни телефони со две СИМ картички и истите се доставени до ОЈО за ГОКК.
– По извршената анализа на обезбедените електронски докази содржани во телефонот на Г.М., утврдено е дека тој формира и координира активности во својство како “војник на ИСИС тн. Исламска држава“ за медиумска промоција и заштита на терористичката организација, со намена за албанско говорно подрачје. Активностите се одвиваат главно на социјалната мрежа телеграм, при што Г.М. користи телеграм профили со кои што формира и администрира повеќе телеграм групи за организација и преработка на материјали преземени од официјални медиуми користени од терористичка организација ИСИС како што се: “AL-Hayat Media Center“ (официјален медиум на ИСИС), “EN-Nebe“ (официјален весник на ИСИС) и “Al-Bayan-Radio“ (официјален радио канал на ИСИС). Исто така, Г.М. формира неколку други телеграм групи во кои координира активности за ширење на агендата на ИСИС. Г.М. набавил повеќе фотографии со кои што се поттикнува извршување на терористички акти за време на новогодишните и божиќните празници со намера да ги сподели во телеграм групите кои што ги формирал за да поттикне извршување на терористички напади – дополнуваат од МВР.
Воедно, наведуваат дека врз основа на добиени наредби за претрес на дом, на 15.12.2024 извршен е претрес во дом и други простории кај лицата, при што пронајдени и одземени се повеќе мобилни телефони, лап топ и деск топ компјутери, таблет, преносна меморија, видео рекордер, разна документација, листови хартија со натписи на арапски и албански јазик, прстен со амблем на ИСИС, книги со литература на арапски јазик и друго.
– Сите лица се лишени од слобода и на 16.12.2024 се изнесени пред судија на претходна постапка, од чија страна им е одредена мерка притвор во траење од 30 ден – посочуваат од МВР.