Корупцијата, во каква и да е форма, не треба да се толерира. Оние кои го поткопуваат владеењето на правото за лична корист и на сметка на народот треба да сфатат дека корупцијата има последици. Соединетите Американски Држави ќе продолжат да бараат одговорност од корумпираните актери, се надевам дека судството и структурите за спроведување на законот во Македонија ќе го сторат истото – порача американската амбасадорка Анџела Агелер, на денешната прес-конферецијата по вчерашното проширување на „црната листа“ на Стејт департментот на САД со имињата на Артан Груби и Енвер Беџети.
Доказите на кои се базира ваквата одлука, посочи Агелер, не се споделуваат со македонските власти, поради прашања поврзани со приватноста.
– Но, ниту пак треба, бидејќи доказите кои Вашингтон ги разгледува, што ние успеавме да ги собереме, како тука во оваа земја, така и во Вашингтон, се широко достапни. Интересно е што дел од критиките кон нас на социјалните медиуми беа, зошто го правите ова, кога нема кривично гонење и акција тука. Ние, сме обврзани со закон, да ги именуваме и санкционираме, оние лица за кои имаме силни докази за криминал и корупција. Што се случува понатака, останува на органите на редот и правосудството во оваа земја, но ќе кажам, дека ако ние сме можеле да ги собереме доказите, можат и тие – изјави Агелер.
Именувањето на лица кои се вмешани во криминал и корупција, според Агелер, е процес кој продолжува, посочувајќи дека станува збор за динамична листа, која постојано се проширува и разгледува.
– Доказите многу внимателно се разгледуваат во Вашингтон. Овој процес продолжува. Сигурно има и други имиња, кои се разгледуваат сега. Интересно е што со секое ново именување и нема да бидете изненадени од ова, често излегуваат нови докази за кривични дела од други. Како што кажав, ова е многу динамичен процес – изјави Агелер.
Корупцијата, посочи Агелер, е епидемија и рак на ова општество.
-Секаде, каде што одам низ земјава, и секој граѓанин со кој зборувам, луѓето ми кажуваат дека ова е така голем проблем во нивниот секојдневен живот и бараат да зборуваме повеќе за тоа, бидејќи ги засега граѓаните на земјава секој ден. Затоа е важно што именуваме лица кои се вклучени во криминал и корупција, без разлика на нивната улога, дали се градоначалници, бизнисмени, функционери или некој од правосудството – изјави Агелер.
Правдата, посочи таа, е слепа и ние само ги разгледуваме лицата врз основа на доказите кои ги имаме.
-Прашањето како овие случаи се движат низ процесите тука, е прашање, што и јас си ги поставувам. Ако доказите се достапни, а се, тогаш имате финансиска полиција, обвинителство, судство… Постои процес што е достапен тука и сметам дека луѓето во оваа земја сакаат да го видат – изјави Агелер.
На прашањето дали судијата Енвер Беџети, бил на обука во САД, Агелер рече дека нема конкретна информација, но дека статистички гледано, многу е веројатно да бил на некоја обука, бидејќи 85 проценти од сите судии и обвинители во земјава имале некаква обука со Амбасадата на САД или некоја американска организација.
-Половина милијарда долари имаме потрошено на правосудството и како што, имаме кажано, досега немаме добар поврат на нашата инвестиција. Се надевам дека ќе видиме акција на овие именувања, како и на претходните и многу, многу други во оваа земја, за кои луѓето знаат дека се корумпирани и заслужуваат да бидат разгледани како случаи пред надлежните судови во оваа земја – изјави Агелер.