Фото: Пиксабеј

Дали некогаш се будите среде ноќ и не можете повторно да заспиете? Можеби има изненадувачко решение што може да ви помогне! Велнес-инфлуенсерката Хедер Гордон сподели трик на социјалните мрежи што наводно секогаш функционира. Таа објави видео во кое открива лесен начин за повторно да заспиете. Сè што треба да направите е – да почнете да ги движите очите.
Можеби звучи несериозно, но дури и науката го поддржува овој трик, пишува „Дејли мејл“. Истражувањата покажуваат дека движењето на очите може да го зголеми нивото на мелатонин, хормон што го регулира сонот. Хедер тврди дека овој трик секогаш функционира, а многу корисници го потврдија тоа.
Во видеото што го гледале 2,6 милиони луѓе, инфлуенсерката објаснува како да се примени оваа техника. Прво, затворете ги очите. Следно, почнете нежно да ги вртите очите додека сѐ уште се затворени. Насочете ги очите надолу, а потоа вратете ги во центарот. Потоа преместете ги налево, потоа повторно во центарот и на крајот надесно, па назад кон центарот. Потоа, отворете ги и почнете повторно да ги вртите очите во круг, прво во насока на стрелките на часовникот, а потоа спротивно од стрелките на часовникот. Конечно, фокусирајте го погледот на врвот на носот.
– Обидете се да го направите тоа веднаш штом ќе се разбудите во текот на ноќта и повторувајте го додека не заспиете повторно. Никогаш не сум направила два циклуса од оваа вежба без да заспијам. Ветувам дека ќе се вратите на својот сон веднаш – вели Хедер.