Претседателот на Собранието Талат Џафери утре ќе се сретне со претставници од Германија по повод изборот на кандидати за „Меѓународната парламентарна стипендија“ (ИПС) на германскиот Бундестаг. Германската делегација ја
предводи пратеникот Штефан Албани.
Во рамките на ИПС вкупно 120 стипендисти од 42 држави ќе добијат можност од почетокот на март до крајот на јули 2019 година да го запознаат парламентарниот систем на Германија, во рамките на стипендијата што е финансирана од германскиот Бундестаг.
Целта на програмата е одблизу да се доживеат политичките текови и демократските процеси на одлучување. Стипендистите работат во канцеларијата на некој пратеник и истовремено може да посетуваат предавања на универзитетите во Берлин.
Програмата е под покровителство на претседателот на германскиот Бундестаг, д-р Волфганг Шојбле, и се нуди во соработка со трите универзитети во Берлин. Сите патни трошоци, сместувањето и осигурувањето ги покрива германскиот Бундестаг.
Повеќе информации за програмата може да се најдат на следниот линк.
За време на својата посета во Скопје, германската делегација ќе оствари средби со
личности од политиката, економијата и образованието.