Lazarov pres
Фото: Нова Македонија

По успешното минување на второто квалификациско коло од Европскиот куп на ЕХФ, ракометарите на Алкалоид најавија дека се подготвени за претстојниот двомеч со австрискиот тим Вест Виена. Во дуелот од третото елиминациско коло македонскиот тим влегува како фаворит.

– Го анализиравме противникот и знаеме кого имаме спроти себе. Екипата на Вест Виена е национален проект на младинската репрезентација на Австрија, со која нашите младинци минатото лето одиграа нерешено. Играат брз, модерен ракомет, слично како и нашиот претходен ривал Клаипеда, што е добро за нас, бидејќи се соочуваме со екипи што играат слично на нас. Фаворити сме, но очекувам не само да играме на победа на двете средби, туку добрата игра да продолже да расте на секој нов натпревар. Неблагодарно е да се прават споредби, особено што Австријците ги имаме гледано само на видео-анализа, но мислам дека Литванците од претходната рунда се за нијанса подобар тим од Вест Виена – изјави Кире Лазаров и додаде дека без оглед на фаворитската улога, претпазлив е со оптимизмот во пресрет на дуелите.

Лазаров ја отфрли можноста за засилување во текот на зимата, потенцирајќи дека приоритет на Алкалоид останува градењето на македонски тим.

Дуелите од третото коло од ЕХФ купот се играат утре и задутре во 19 часот во салата „Автокоманда“ во Скопје.