Книгата „Слобода: созревање на крајот на историјата“ од авторката Леа Ипи, едно од највпечатливите книжевни дела во последниве години, сега е достапна во превод на македонски јазик, во издание на „Или-или“. Преводот од англиски е на Калина Малеска.
Ова дело последниве три години предизвика воодушевување кај критичарите и читателите низ светот. Книгата ги добила наградите „Ондаатје“ од Кралското книжевно друштво и „Слајтли Фокст“ за најдобро прво биографско дело, била во најтесен избор за наградите „Коста“, „Бејли Гифорд“ и „Гордон Бирн“. За книга на годината ја прогласиле „Њујоркер“, „Вашингтон пост“, „Фајненшел тајмс“, книжевниот додаток на „Тајмс“, „Форин аферс“, „Сандеј тајмс“, а британското списание „Проспект“ ја вброило Леа Ипи меѓу десетте најзначајни светски мислители.
„Слобода“ е автобиографско дело, кое ја комбинира личната приказна на авторката со поширокиот историски и политички контекст. Леа Ипи на трогателен и искрен начин го опишува своето детство во Албанија за време на последните години од комунистичкиот режим и преминот кон демократија. Леа Ипи била воспитувана под строгиот режим на тоталитарна власт, која им ветувала на своите граѓани иднина во совршена слобода. Но, кога падна режимот во Албанија, основите на нејзиното општество се урнаа и светот на Ипи беше ненадејно прекинат.

Нејзината приказна ги води читателите низ период на интензивни лични и политички превирања, додека таа сведочи на распадот на комунизмот, појавата на неолиберализмот и своето созревање. Со живо раскажување и длабоки размислувања, Ипи ја истражува длабоката контрадикторност на концептот на слободата, идентитетот и цената на промените. Уникатната перспектива на Ипи нуди интимно и интелектуално истражување на тоа што значи да бидеш слободен, и во теоријата и во реалноста. Книгата „Слобода“ е уникатно сведоштво за растењето во турбулентни времиња и истовремено универзална приказна за човечката потрага по смисла и слобода. Оваа книга не само што дава увид во едно специфично историско раздобје туку нуди и подлабоко разбирање за човечката сила и истрајност.
Леа Ипи, родена во 1979 година во Драч, Албанија, универзитетска професорка, предава политичка теорија на Лондонската школа за економија. Студирала филозофија и литература на римскиот универзитет „Сапиенца“, а докторирала на Европскиот универзитетски институт во Фиренца. Објавила голем број трудови во областа на политичката теорија. Мемоарската книга „Слобода“ е преведена на над 30 јазици.