Фото: Маја Јаневска-Илиева

Македонија вторпат загуби од Литванија, овој пат на гости, но ги задржа шансите за пласман на ЕП 2025

КОШАРКА – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2025

Машката кошаркарска репрезентација на Македонија вторпат загуби од селекцијата на Литванија во квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2025 година, по поразот во четвртокот во Скопје со 67-82, во неделата на гости во Клаипеда со 72-94 (27-23, 19-20, 16-21, 10-30), во групата Х. Македонија остана во трка за пласман на ЕП по победата на Полска на гости кај Естонија со 88-86. Во февруари в година избраниците на селекторот Александар Јончевски треба да ја победат Естонија на гости со најмалку шест поени разлика, а потоа и Полска дома, но и да чекаат пораз на Естонците од Литванците на гости. При еднаков број бодови одлучува меѓусебниот дуел на репрезентациите.
– Дадовме сѐ од себе, покажавме карактер, не заслуживме ваков пораз, а начинот на кој игравме три четвртини ме направи горд на мојот тим. Иако овој натпревар заврши со поголема разлика од претходниот, покажавме поквалитетна игра, пожртвуваност, одговоривме на нивниот притисок и три четвртини одлично им париравме. Она што можам да го заклучам од двата меча е дека ни недостига игра под кошевите, ни фалат тие ситуации кога треба да го затвориме рекетот и да ги собереме сите промашени шутеви, но и со офанзивен скок да нападнеме, да стигнеме до поени од втора шанса. Многу ја почитувам литванската репрезентација и кога би биле комплетни, нивниот талент не би се споредувал со нашиот. Она што го реков беше за овие две селекции што играа во моментов, сѐ уште го мислам тоа – вели Јончевски, пренесе Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ).
Македонија играше одлично до 34. минута, до повредата на бекот Ненад Димитријевиќ, кој одигра феноменално, со 43 поени, четири скока, шест асистенции и три украдени топки за индекс-перформанс 40, потоа домаќините убедливо го добија остатокот од последната четвртина, а со тоа и мечот.
– Одигравме многу добро прво полувреме. Во второто имавме многу повеќе проблеми со контролата на скокот, а тие знаеја како да го искористат тоа и заслужено славеа. Се боревме 40 минути и дадовме сѐ од себе. Постигнав 43 поени, тоа е добро, но не значи ништо оти го загубивме натпреварот. Што се однесува до повредата, мислам дека беше само силен грч и дека набрзо сѐ ќе биде во ред – рече Димитријевиќ, пренесе КФМ.
Во македонските редови по шест поени придодадоа Бојан Крстевски, Андреј Маслинко и Бобан Стајиќ. Кај победникот доминираше Гитис Раџевициус со 18 поени, 11 скока и една асистенција. Г.И.


Димитријевиќ води во три статистички категории

Македонскиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ со 43-те поени на дуелот со Литванија сега има точно 100 поени во овој квалификациски циклус за пласман на кошаркарското Европско првенство в година, со што, по дуелите во неделата, е најефикасен во овие квалификации, според статистиката на Светската кошаркарска федерација (ФИБА). Тој води и на листата според просечниот број поени, со 33,3 поени по натпревар, и е единствен со просек поголем од 30. Димитријевиќ е прв и во рангирањето за индекс-поени во досегашниот дел од квалификациите, со просек од 30,7, а повеќе од 30 во просек по меч има само уште еден македонски репрезентативец, Итан Хап, 30,5.


Литванија и Србија први се пласираа на ЕП 2025

Покрај домаќините на 42-то Европско првенство (ЕП) в година, Кипар, Финска, Полска и Летонија, по квалификациските мечеви во неделата пласман на кошаркарскиот континентален шампионат обезбедија и репрезентациите на Литванија и на Србија. Европското првенство в година ќе биде шесто на кое ќе играат вкупно 24 репрезентации и четврто во низа со четири земји домаќини.


ГРУПА Х

Литванија – Македонија 94-72
Естонија – Полска 86-88

ТАБЕЛА
Естонија 4 3 1 307-294 7
Литванија 4 3 1 318-268 7
Македонија 4 1 3 304-321 5
Полска 4 1 3 301-347 5
Следни мечеви (февруари 2025 г.): Естонија – Македонија, Полска, Литванија, Македонија – Полска, Литванија – Естонија.