Во Скопје селекцијата на Литванија славеше над Македонија со 82-67, а во вториот натпревар од оваа група, Полска на свој терен загуби од Естонија со 78-82
КОШАРКА – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2025
Машката кошаркарска репрезентација на Македонија, предводена од селекторот Александар Јончевски, го доживеа вториот пораз во рамките на квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) 2025 година, кое ќе се одржи во Финска, Кипар, Полска и во Летонија. По првиот пораз во февруарскиот квалификациски циклус од Естонија, убедливо подобра од црвено-жолтите во СРЦ „Кале“ во Скопје беше селекцијата Литванија, која славеше со 82-67 (23-9, 21-18, 20-16, 18-24). Во вториот натпревар од оваа група, Полска на свој терен загуби од Естонија со 78-82. Квалификациите продолжуваат утре, кога се игра четвртото коло, а македонската репрезентација повторно ќе игра против Литванија, но овој пат на гостински терен во Клаипеда (18.30 ч.).
– Енергијата во првото полувреме беше недоволна. Ако бевме 40 минути на исто ниво можеби и целокупната слика на овој натпревар ќе беше поинаква. Верувам дека кошаркарскиот талент беше на наша страна, но физичката сила и енергијата беа она што им ја донесе победата на Литванците. Не бевме изненадени од нивната енергија, но не одговоривме на вистинскиот начин. Во моментот кога сфативме дека мораме да возвратиме со иста енергија, во второто полувреме ја променивме и одбраната, што даде резултат. Верувам дека со Ненад Димитријевиќ работите ќе бидат подобри. Итан Хап дојде, но неговата состојба не е подобрена. Истото важи и за Андреј Магдевски. Двајцата нема да патуваат во Литванија. Повредите очигледно се посериозни и тие нема да можат да ни помогнат ниту на вториот натпревар – вели селекторот Јончевски.
Литванците ја оправдаа фаворитската улога на овој меч, особено со одличната игра во првото полувреме, кога доминираа како во одбраната така и во нападот, со што ја стекнаа и решавачката предност.
– Тежок натпревар за нас, бидејќи ни недостигаа неколку играчи. Тие поставија агресивна игра од самиот почеток, со многу контакт, а судиите им го дозволија тоа. Задоволен сум што покажавме карактер, се надевавме на победа, но, за жал, тоа не беше доволно. Се надевам на подобар резултат на гостувањето во Литванија – оптимист е бекот Кристија Николов.
Најефикасни во македонските редови беа Николов со 18, Војдан Стојановски со 13 и Бојан Крстевски со 10 коша, а кај Литванците прв поентер беше Екодас Мартинас со 18 поени. Г.И.
ГРУПА Х, 3. КОЛО
Македонија – Литванија 67-82
Полска – Естонија 78-82
ТАБЕЛА
1. Естонија 3 3 0 221-206 6
2. Литванија 3 2 1 224-196 5
3. Македонија 3 1 2 232-227 4
4. Полска 3 0 3 213-261 3
Идно коло, недела: Естонија – Полска (17 ч.), Литванија – Македонија (18.30 ч.).