Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во Кривичниот суд во Скопје, со сослушување на нови сведоци денеска продолжи судењето за грабнувањата и за свирепите убиства на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и на 74-годишниот Панче Жежовски од Велес што се случија лани во ноември.

На денешното судско рочиште прва сведочеше Маја Спироска, која се наврати на деновите кога се трагало по Вања, кога таа била во домот на братучетката Зорица, но и била вклучена во потрагата уште од првиот ден.

– Од вторникот до неделата секој ден бев присутна кај нив. Имаше колешки на Зорица, внукот, Сашко (таткото на Вања, Александар), сите бевме во паника. Сашко гледаше снимки. Во вторникот сите заедно гледавме една снимка и констатиравме дека детето е земено од внатре. Не знам кој му ги даваше снимките, првин беше сам, а потоа дојде Гоце, кого јас не го познавав. Во еден момент, не знам дали беше среда или четврток, Гоце дојде во дневната и ми кажа „Мислам дека имаме некој траг, го видовме ‘цитроенот’ што се бара по интернет“, и ми покажа слика од бараниот „цитроен“. Почна да претпоставува да не ја грабнал некој, да не е педофил. Јас му дадов знак да молчи, оти и помалата ќерка на Зорица беше во собата – сведочеше Спироска.

Во продолжение, таа зборуваше и за однесувањето на таткото во критичните моменти.

-Сашко беше вознемирен, нормално бараше како сите. Јас бев повеќе со Зорица и сестричката. На Зорица и викаше не се секирај ќе ја најдеме. Едно време ми викаше мене дека на Илон Маск треба да пратам порака за да ја најде преку сателит. Тоа ми беше малку чудно, како да исконтактирам со Илон Маск.

Во однос на релациите на семејството со Палевски, таа додаде дека не знае дали се познавале со него, иако сега дознала дека станот биле купен од неговата фирма.

-Бевме млади, не знаевме тогаш, околу 20 години имавме не се занимававме со такви работи – сведочеше роднината.

За грабнувањата и убиствата на Вања и Панче се обвинети четворица извршители – Љупчо Палевски Палчо како првообвинет, и Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски, а таткото на Вања, Александар Ѓорчевски е обвинет за помагање во грабнувањето на неговата ќерка.

Сите обвинети за овие сурови злосторства се изјаснија дека се невини.