Бескомпромисна игра: Илија Стошевски

ВЕТЕРАНСКИ ШАХОВСКИ ФЕСТИВАЛ

Динамично и борбено помина и петтото коло од шаховскиот фестивал „Незаборав за хероите“, кој се одржува во чест на јубилејот 80 години од ослободувањето на Скопје, 13 Ноември, а на кој можат да настапат шахисти што не се помлади од 60 години. Илија Стошевски со црни фигури, во бескомпромисен стил, постави кралско-индиска одбрана и прв го почна нападот. Со привремена жртва на коњ, тој го разби центарот на ФИДЕ-мајсторот (ФМ) Јани Богоевски. Ефектна победа на лидерот, кој на овој турнир игра остро и бескомпромисно со младешка енергија. ФМ Љубомир Илиќ и ФМ Александар Кралевски борбено ремизираа во завршница на кралици. Тодор Андонов со стрплива игра успеа да ја скрши холандската одбрана на Миле Трајковски. На две кола до крајот на турнирот и понатаму води Стошевски, со 4,5 поени, а потоа се Кралевски, Илиќ и Андонов со по 3,5 поени.
Резултати, 5. коло: ФМ Богоевски (2.160) – Стошевски (2015) 0-1, ФМ Илиќ (2.073) – ФМ Кралевски (2.015) реми, Андонов (2.119) – Трајковски (1.917) 1-0, Голубовиќ (1.705) – Ташевски (1.960) реми, ФМ Хаџи-Манев (1.951) – Јовановски (1.854) 1-0, Ахчиев (1.690) – Томов 1-0, Топалов (1.668) – Цветковски (1.737) 0-1, Кромов (1.693) – Спасовски (1.836) 0-1.
Богоевски – Стошевски: 1.д4 г6 2.Лф4 Лг7 3.Сф3 д6 4.е3 Сд7 5.х3 е5 6.Лх2 е4 7.Сфд2 Сгф6 8.ц4 О-О 9.Сц3 Те8 10.Ле2 Сф8 11.О-О х5 12.Тц1 Лх6 13.Дц2 Лф5 14.Тфд1 Се6 15.Сд5 Сд4!! 16.ед4 е3 17.Лд3 Лд3 18.Дд3 ед2 19.Та1 Сд5 20.цд5 Дг5 21.ф4 Дд5 22.Тд2 Те4 23.Дф3 Тае8 24.Тф1 ц6 25.Тдф2 ф5 26.г4 хг4 27.хг4 Лг7 28.Тг2 Лд4 29.Кх1 Те1 30.Дд3 Т8е2 0-1. Г.И.