Грција
Сменетиот лидер на грчката опозициска партија СИРИЗА, Стефанос Каселакис, најави дека ја напушта таа партија за да формира своја. Каселакис, бизнисмен што главно живееше во САД и влезе во политиката дури минатата година, ја напушти СИРИЗА откако партискиот конгрес одби да се разгледа неговата кандидатура за лидер, објави „Гардијан“.
Тој рече дека ја напушта СИРИЗА откако на дводневниот конгрес на партијата беше одбиено барањето да се разгледа неговата кандидатура за лидер на внатрепартиските избори што треба да се одржат подоцна месецов.
Каселакис (36) влезе во грчката политика во мај 2023 година како кандидат на изборите на кои СИРИЗА претрпе катастрофален пораз и на кои победи конзервативната Нова демократија. Тој го замени долгогодишниот лидер на партијата Алексис Ципрас, кој поднесе оставка по неуспехот на изборите.
Многу членови на сириза што го поддржаа Каселакис набрзо почнаа да го обвинуваат дека не е вистински левичар. Централниот комитет на СИРИЗА го смени Каселакис од функцијата во септември, откако му беше изгласана недоверба. Тој ја оспори легитимноста на гласањето и требаше да се кандидира за лидер, но неговата кандидатура беше одбиена од Централниот комитет на партијата. Заедно со Каселакис во петокот и саботата партијата ја напуштија и четворица пратеници. По овој развој на настаните, СИРИЗА сега има 31 пратеник во грчкиот парламент од вкупно 300 пратеници. Р.С.