Во периодот од 15 до 17 ноември во културниот центар „Јадро“ во Скопје, Криста Денио и Искра Шукарова ќе одржат работилница за членови на заедницата, студенти и професионалци од областа на танцот, театарот и други дисциплини во земјава. Работилницата ќе истражува интердисциплинарни пристапи во создавањето на перформансот, користејќи методологии од танцот и театарот. Работилницата ќе вклучува движење и гласовен тренинг базиран на соматски практики, контакт-импровизација и техники од „екшн тиатар“, а ќе заврши со кратки перформанси креирани од учесниците.
Денио ќе се базира на својот проект „Нетворк“, инспириран од еколошките системи на комуникација кај дрвјата, додека Шукарова ќе ги сподели своите истражувања за невербална комуникација како рамка за уметничко изразување.
Искра Шукарова како уметница се интересира за врската помеѓу телото и гласот, како и за пронаоѓање конекции со природата и со животните. Таа истражува и нови начини на поврзување со публиката како дел од перформативниот процес, со посебен фокус на интердисциплинарните пристапи.
Криста Денио работи со движење, звук и наративно раскажување, креирајќи интерактивни и партиципативни искуства. Нејзините изведби вклучуваат и скриптирана и кореографирана работа, како и импровизациски интеракции, за создавање нови видови искуства.
Перформансот „Мувинг инсајд аут“ ќе биде изведен од Криста Денио (САД) и Искра Шукарова (Македонија) на 20 ноември, во 18 часот, како дел од Меѓународниот театарски фестивал.