Фото: ЕПА

Со тоа гласовите на играчите директно ќе се слушаат на највисокото место за одлучување во европскиот фудбал, заедно со гласовите на националните асоцијации, лигите и клубовите

ФУДБАЛ

Европската фудбалска унија (УЕФА) и Здружението на професионални фудбалери (ФИФПРО) за Европа потпишаа меморандум за разбирање, како значаен чекор во зајакнувањето на застапеноста на фудбалерите и соработката во управувањето со европскиот фудбал, објави УЕФА. ФИФПРО претставува над 35.000 фудбалери преку синдикатите на играчи во 36 земји членки на УЕФА. Со ова ново партнерство ФИФПРО Европа првпат ќе заземе место во структурите на управување на УЕФА, а од мај идната година ќе биде претставена во Извршниот комитет на УЕФА, првично во советодавна функција. Со тоа гласовите на играчите директно ќе се слушаат на највисокото место за одлучување во европскиот фудбал, заедно со гласовите на националните асоцијации, лигите и клубовите, пишува УЕФА.
– Ова партнерство е нова ера во нашиот однос со ФИФПРО Европа. Играчите се во срцето на фудбалот и нивните перспективи мора да ги обликуваат донесените одлуки. Поканувајќи ги да се приклучат на Извршниот комитет на УЕФА, создаваме поинклузивна иднина за фудбалот, во која темата за благосостојбата на играчите ќе биде на прво место. Станува збор за правење опипливи чекори за да се осигура дека фудбалот ќе продолжи да расте за сите – рече претседателот на УЕФА, Александар Чеферин.
Меморандумот за соработка става голем фокус на фудбалот за жени, од зајакнување на програмите за развој до обезбедување минимални стандарди, растот и одржливоста на женскиот фудбал се позиционирани како врвни приоритети, пишува УЕФА. Клучните одлуки што влијаат на условите за ангажман на играчите или оптоварувањето на фудбалерите во натпреварите на УЕФА сега ќе бидат донесени само по опширен дијалог помеѓу двете организации. Како приоритет, здравјето и безбедноста на играчите ќе заземат централно место.

УЕФА и ФИФПРО Европа ќе работат заедно на медицински истражувања, едукација на играчи и кампањи за кревање на свеста за справување со допинг и дискриминација, пишува УЕФА. Понатамошните области на соработка вклучуваат унапредување на социјалниот дијалог и на национално и на европско ниво, истражување на заеднички комерцијални можности поврзани со податоците за играчите и правата на интелектуална сопственост, како и обезбедување поддршка за фудбалери без договор.
– Со застапеноста на играчите сега закотвена на највисокото ниво на УЕФА, обезбедуваме посилен глас за играчите онаму каде што е најважно. Нашиот тековен дијалог со УЕФА веќе дава позитивни резултати, а овој меморандум само ќе ја зајакне нашата способност да формираме рамка што ќе ја унапреди благосостојбата на играчите и ќе обезбеди поздрава и поодржлива иднина за фудбалот, каде што потребите и правата на играчите секогаш ќе бидат во првите редови, и на теренот и надвор од него – вели Дејвид Териер, претседател на ФИФПРО Европа. Н.М.