Трпаноски, Димитриоски и Мицкоски / Фото: ЏФМ

Македонија ја претставуваа шест репрезентативци, а по првиот ден, на чекор до медал беа Лилјана Недановска и Ива Богдановска

ЏУДО – ПО ПРВИОТ ДЕН НА БАЛКАНИЈАДАТА ДО 23 ГОДИНИ

Одличен настап на македонските репрезентативци на Балканското првенство (БП) во џудо за млади сениори (до 23 години), кое се одржа викендов во Пеќ (Косово). По првиот натпреварувачки ден, трето место и бронзен медал освои Сергеј Димитриоски во тежинската категорија до 60 кг, совладувајќи ги притоа репрезентативците на Црна Гора и на Босна и Херцеговина.
Забележителен настап по првиот ден имаа и Лилјана Недановска и Ива Богдановска, кои беа на чекор до медал, но загубија во малото финале за бронзениот медал. Добро се бореше и Никола Магдески, кој, сепак, не успеа да стигне до медал.
Вчера на вториот натпреварувачки ден требаше да настапат уште две македонски репрезентативки, Кристина Мантароска и Катерина Ацевска, како и македонската репрезентација во екипна микс-тим конкуренција.
Репрезентативците на Македонија на ова БП ги предводеше селекторот Горан Мицкоски, а голема поддршка за македонските џудисти беше и присуството на претседателот на Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ) и потпретседател на Балканската џудо-асоцијација (БЈА), Владимир Трпаноски, кој учествуваше и на состанокот на Извршниот одбор (ИО), на БЈА, кој, пак, се одржа во рамките на ова Балканско првенство. На оваа Балканијада, судиската правда ја делеше и Македонецот Томе Јосифоски. Г.И.