Фото: МИА

Во Основниот кривичен суд во Скопје, продолжува судењето за свирепото двојно убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот пензионер Панче Жежовски.

Како прв сведок на Обвинителството денеска свој исказ даде Дејан Димовски, началник на единицата за насилен криминал, кој посочи на неколку клучни моменти од истрагата. Според неговите зборови збунетост кај полицијата предизвикале тврдењата на родителите дека Вања е киднапирана, иако во тој момент немало никакви докази за такво нешто. Укажа дека во такви случаи, се очекува прво да се провери кај другарки или во околината, а не веднаш да се алармира полицијата.

-Ние одлучивме дека имаше доста нелогичности и мора веднаш да почнеме со работа. Ги повикавме и родителите и директорката на училиштето, педагогот и класната раководителка. Не ни беше јасно како можеше толку брзо да се алармира дека девојчето е киднапирано. Мајката во 8 часот и 2 минути веднаш пријавила дека има исчезнато девојче. Нормално би било прво да проверат да не е кај другарка, а не веднаш да известат дека е исчезната. По разговорот со класната ни стана јасно, бидејќи претходниот ден Вања имала проблем во училиште претходниот ден со друго дете за некоја книга и претходната вечер класната разговарала со мајката Зорица и се договориле дека следниот ден ќе ги расчистат сите работи на класен час. Прашувавме за врските, односите во семејството и дали и претходно се случувало да ја нема Вања. Подоцна започна потрагата низ парк и центарот на Скопје, тоа беше на полноќ. Се вратија и рекоа дека нема ништо. На помошникот му беше чудно, затоа што таткото не излегувал од кола, додека излегувале да пребаруваат. Таткото велеше: Џабе пребарувате, сигурно е киднапирана, можеби и убиена. Се вршеше потрага и во Охрид, бидејќи таму имала стан. Ни беше нејасно дека цело време таткото велеше дека е киднапирана, и во еден момент им реков ако е киднапирана може да биде и добро тоа, бидејќи ќе имаме трага. Тие мора да се јават и да ве контактираат им реков. Мајката гледаше во телефонот но немаше повик. Останавме до 4-5 утрото. Сабајлето повторно продолживме – рече Димовски.

Тој додаде дека и утрото веднаш продолжиле, разгледувајќи дополнително некои теории. Имено, се појавила информација дека наводно Вања имала некој виртуелен пријател од Шведска, со кого комуницирала на англиски зборувале.

-Помисливме да не случајно нешто се договорила со него, го проверувавме профилот по Фејсбук, видовме дека има знамиња од ИСИС, ни се вклучи алармот, повикавме и колеги од Интерпол, проверки се вршеа во Шведска, проверувавме на граница, негативно беше сето тоа, а изгубивме два дена, одземавме телефони, компјутери и слично – сведочеше Димовски.