Од денеска до 18 октомври во Кинотеката на Македонија ќе се одржи Недела на романскиот филм, во чии рамки ќе бидат прикажани три играни и два документарни филма.
– Романската кинематографија доживеа вистински подем во последните две децении, со таканаречениот нов романски бран како водечко движење што внесе свежина и оригиналност на европската филмска сцена и филмови што се карактеризираат со минималистички пристап, документарен стил, социјално-политички теми и силна критика на посткомунистичкото општество. Режисерите како Кристи Пују, Кристиан Мунџиу, Корнелиу Порумбоју и Раду Жуде успеаја да ја постават Романија на мапата на светската кинематографија преку своите реалистични и интензивни филмови. Новиот романски филм не само што ја отвори вратата за нови таленти во Романија туку остави и траен впечаток на светската сцена. Филмовите добиваат признанија на најголемите светски фестивали, како Кан и Берлин, а режисерите стануваат почитувани автори надвор од границите на нивната земја. Овој своевиден филмски бран претставува пример за тоа како една мала но посветена филмска индустрија може да го освои светот преку силни приказни и уникатен визуелен јазик – велат од Кинотеката.
Циклусот на романски филмови во Кинотеката на Македонија ги претставува најновите достигнувања на романската кинематографија, нагласувајќи ги нејзината креативна разновидност и актуелните општествени теми.

Со избор на интензивни и инспиративни наслови, овој циклус поттикнува важни разговори и овозможува длабинско запознавање со романската култура и проблематика. Очекуваме нови возбудливи проекти во иднина и продолжување на оваа значајна кинематографска размена.
Селектор на програмата е Бојан Станишиќ, уредник на филмската програма при Кинотеката.
Неделата почнува со проекција на филмот „Дете од војна“ вечерва, во 20 часот. Режијата е на Мариан Кришан. Романија, 1944-та, Втората светска војна е при крај. Тинејџерот Нику е многу приврзан за двата коња на неговото семејство. Осиромашената романска армија планира да ги заплени имотите на цивилите за да го обезбеди својот опстанок за време на војната. Двата коња може да бидат одземени. Тоа го принудува Нику да започне опаснo патување во планините за да ги спаси… Мариан Кришан е еминентен романски синеаст, познат по филмовите „Морген“ (2010), „Рокер“ (2012), „Хоризонт“ (2015) и „Кампањата“ (2020). „Дете од војна“ е нетипична мешавина од жанрови како историски и воен филм, вестерн, но и детска авантура. Самиот режисер изјави дека бил инспириран од приказните на неговиот дедо за тинејџерските воени денови кога се грижел за коњите на еден богат сосед. Ова е воен филм што се интересира за обичните луѓе – без големи војнички херојства и ровови.