Шпанската тенисерка Пола Бадоса се најде во средиштето на скандал откако фотографија од Пекинг предизвика бура од реакции на социјалните мрежи. На сликата, објавена од нејзиниот тренер Пол Толедо, Бадоса држи стапчиња за јадење на очите и замижува, што многумина го протолкуваа како имитација на кинески црти на лицето.
Откако беше обвинета за расизам, Бадоса најпрво одговори со тврдење дека не го имитира азиското население, туку „игра со своето лице и брчките“. Таа додаде дека ја сака Азија и има многу пријатели од овој дел на светот.
Сепак, таа набрзо се извини преку социјалната мрежа Х: „Навистина ми е жал, не знаев дека ова е навредливо во контекст на расизам. Моја грешка. Ја преземам целосната одговорност и ќе научам од оваа грешка“.
По овој инцидент, Бадоса – моментално рангирана на 15-то место во светот – се повлече од турнирот во Вухан, наведувајќи здравствени причини, поточно гастроентеритис. Сепак, таа планира да игра на Нингбо Опен следната недела, иако постојат стравувања дека ваквите контроверзии на социјалните мрежи може да предизвикаат компликации со кинеските власти.
Слични проблеми имаше Џиџи Хадид во 2017 година, кога и беше одбиена виза за Шангај заради сличен инцидент, откако се појави во видео со колаче во облик на Буда и имитирајќи азиски црти на лицето.
На теренот Бадоса продолжува да биде во одлична форма, стигнувајќи до полуфиналето на Пекинг опен, каде беше поразена од бранителот на титулата Коко Гоф. Со 18 победи во последните 22 натпревари, Бадоса се врати во топ 20, и покрај тоа што лекарите ја советуваа да престане да игра минатата година поради сериозна повреда на грбот.