На овој настан се реализираше и проектот СЦАЕД (за спортска исхрана), поддржан од програмата „Еразмус“, каде што еден од партнерите е КК Металург. Притоа на секој клуб и тренер им беше доделен прирачник од реализираниот проект

Во спортската сала „Методи Андонов-Ченто“ во скопската населба Маџари, во борбен натпреварувачки дух на четири борилишта, се одржа 41-то издание на традиционалниот меѓународен меморијален карате-турнир „Никола Грдановски-Нике“, кој помина во одлична организација на еден од најтрофејните карате-клубови во Македонија, Металург.
Турнирот се одржува во чест на прерано починатиот каратист Грдановски, кој беше еден од основачите на Металург, а наедно и натпреварувач, тренер, мајстор на карате-спортот со црн појас прв степен.
Годинава на меѓународниот меморијал настапија 28 клуба, освен од Македонија имаше и натпреварувачи од Црна Гора, Бугарија и од Косово, а специјални гости за проектот „Еразмус“ имаше од Италија, Полска, Хрватска, Грција и од Бугарија.
Најдобар клуб на турнирот во ката и најуспешен странски клуб е карате-академија ТН од Црна Гора, најдобар клуб во борби е КК Штип, најдобар натпреварувач во ката е Ана Ѓуричиќ од карате-академија ТН, а најдобар натпреварувач во борби е Ринеса Зуненини од косовскиот клуб Фитуеси. Највозбудливо повторно беше во борби екипно, карате-дисциплина што се одржува само на овој турнир.
На овој настан се реализира и проектот СЦАЕД (за спортска исхрана), поддржан од програмата „Еразмус“, каде што еден од партнерите е КК Металург. Притоа на секој клуб и тренер им беше доделен прирачник од реализираниот проект. Г.И.