ВРВНИ НАУЧНИ ИМИЊА ЈА ПРЕТСТАВИЈА ВИЗИЈАТА ЗА МУЛТИПОЛАРЕН СИСТЕМ И МЕЃУНАРОДНА СОРАБОТКА

Бројни научни истражувачи од Кина, Канада, Обединетото Кралство, како и од Македонија, земаа учество на дводневната конференција „Кооперативен мултиполарен систем: во потрага по нов светски поредок“ организирана под водство на професорката Билјана Ванковска

Врвни научни истражувачи од различни делови на светот имаа излагања на меѓународната научна конференција насловена „Кооперативен мултиполарен систем: во потрага по нов светски поредок“, одржана во изминатите два дена во хотелот „Александар Палас“ во Скопје, под водство на професорката Билјана Ванковска.

Со свои излагања во плодната дискусија учествуваа професор Џанг Веивеи од Кина, проф. Радика Десаи од Канада, проф. Ричард Саква од Обединетото Кралство, д-р Јан Оберг од Транснационалната фондација за истражување на мирот. Учесниците на конференцијата беа поздравени и од амбасадорите на НР Кина и на Руската Федерација во Македонија, Су Леи и Сергеј Баздникин.

Јан Оберг од Транснационалната фондација за истражување на мирот, кој важи за добар познавач на состојбите на Балканот, посочи дека Македонија е држава што најмногу страдала од концептот на западната политика. Во полза на неговото тврдење, тој наведе два примера од независноста на земјава – економската блокада од страна на Грција во 90-те години од минатиот век и бегалската криза од Косово во 1999 година.

Кинеската визија и пристапот за мултиполарен свет, која ја претпочита меката моќ во меѓународните односи, наспроти исклучивоста и едностраноста на унилатералимот, беше претставена од професор Џанг Веивеи, декан на Кинескиот институт на Универитетот Фудан, кој е познат и како кинескиот Фукујама. Пристапот на Кина во градењето на односите со другите држави во светот, и покрај фактот дека е голема светска сила, според професорот Џанг Веивеи, е насочен кон градење пријателства, мирно решавање на проблемите, со преговори и инвестиции во мирот, образованието, технолошкиот развој…

– Мултиполарниот свет е вин-вин ситуација, со секоја друга опција, сите се во загуба – нагласи професорот Џанг Веивеи.

Професорката од Канада, Радика Десаи, направи споредба меѓу мултилатерализмот наспроти империјалистичкиот супранационализам, осврнувајќи се на темата „Кризата на западниот империјализам: Можност за светското мнозинство“. Професорот Ричард Саква од Обединетото Кралство, пак, ја изнесе својата дефиниција за мултиполаризмот, како антихегемонистички концепт.

Тематските панели на конференцијата опфатија широк спектар на најургентни и најсериозни проблемски теми од областа на меѓународната безбедност, геополитиката и геоекономијата. Останати учесници на панел-дискусиите во рамки на конференцијата беа Игор Радев, Клеменс Хучел, Отилија Софрон, Жидас Даскаловски, Дејан Маролов и Јованка Галева, Булент Сарпер Агир, Билјана Ванковска, Тони Милески, Константин Миноски и Антоанела Петковска, Адриан Вотерс, Јован Пејковски, Сања Јелисавац-Трошиќ, Митко Арнаудов, Данило Бабиќ, Онцел Сенцерман и Благица Сековска. Во организацијата на конференцијата како помагач учествуваше и Матица на иселениците од Македонија.