Поради пожарот што избувна утрово во зграда во скопската населба Чаир хоспотализирани се вкупно 43 лица. На Клиниката за токсикологија биле примени 31 пациент, од кои пет се задржани на болничко лекување. На Клиниката за детски болести биле примени 12 деца, од кои две се задржани на лекување. Сите пациенти се во стабилна состојба.
Според последните информации од терен, од подрумските простории на зградата уште излегува густ чад, што значи дека пожарот сеуште е активен.
Како што информира за МИА директорот на Клиниката за токсикологија, Андон Чибишев, таму денеска имало 31 пациент од кои пет се задржани на болничко лекување.
– Од 3.30 по полноќ, до 14 часот, низ нашата клиника се поминати 31 пациент од кои пет се задржани на болничко лекување. Ја примија соодветната терапија, сите се стабилни – рече тој.
На Детската клиника, според информациите на директорот, Реџеп Мемеди, денеска биле примени 12 деца на возраст од 5 месеци до 11 години.
– Вкупно 12 деца дојдоа кај нас на возраст од 5 месеци до 11 години. На прием кај нас беа во релативно стабилна состојба. Само 4-5 од нив ги ставивме на кислородна поддршка. Тие се мониторирани и направени анализи, сите беа во стабилна состојба во однос на виталните функции. Од нив 10 деца на барање на родителите се испишани, наша препорака беше да ги задржиме. Само две се задржани – информираше тој.
Помеѓу хоспитализираните, како што претходно информираа од Министерството за внатрешни работи и Центарот за управување со кризи, имало и еден полицаец и еден пожарникар.
Од МВР денеска информираа дека во 1.55 часот во СВР Скопје било пријавено дека настанал пожар во подрумски простории во зграда на улица „Серава“ во Скопје. На лице место била упатена екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје и полициски службеници од СВР Скопје. Додека, Центарот за управување со кризи информираше дека интервенцијата се извршувала со седум возила и 20 пожарникари.
Според последните информации од терен, од подрумските простории на зградата сè уште излегува густ, темен чад.