Завршува годинашното јубилејно 45-то издание
Со националната премиера на „Убиј ги прво децата“ – дебитантскиот филм на Димитар Оровчанец, во продукција на „Трис филмс“ и „ДМФ филмс“, годинава се заокружува програмата на 45. издание на интернационалниот фестивал на камера „Браќа Манаки“. Тоа е комична приказна за тинејџерка балерина, нејзиниот лудо вљубен дечко и неговиот налудничав најдобар другар со украден полициски пиштол, кои се губат во најдлабоките лавиринти на скопското криминално подземје поради мобилен телефон што содржи компромитирачко видео. Главните улоги ги играат Миа Жиро, Мартин Ѓоргоски и Стефан Спасов.
Филмот е поддржан од Агенцијата за филм на Македонија. Филмот ја имаше светската премиера на Филмскиот фестивал во Сараево на 19 август. Продуценти се Атанас Георгиев, Дејан Илиев и Корнелија Ристовска. Сценариото и режијата се на Димитар Оровчанец, директор на фотографија е Владимир Самоиловски, музиката е на Дарко Спасовски и Игор Василев-Новоградска. Во филмот главните улоги ги играат Миа Жиро, Мартин Ѓоргоски и Стефан Спасов
– Ова е приказна што ги содржи сите мали животни вистини и ситуации што потсвесно ги собирам од моите искуства со години, внимателно прикажувајќи вистински луѓе што сум ги запознал или ги познавам добро. Тоа е филм каде што навидум обичните поединци се фрлени во позиција каде што треба да се соочат со екстремни ситуации и како тоа открива неочекувани карактерни црти кај нив; модерна приказна но како од бајките, со шарени ликови и дијалози сместени на урбана заднина. Приказната ја истражува суровоста на човекот како сеприсутна, но колку и да се негативни многу од ликовите, тие сепак изобилуваат со црн хумор – некоја форма на хуманост, која е главната потпора на сè за што се работи во конечниот филм: бесмисленоста на злото, глупоста во агресијата, потребата отсекогаш за само малку повеќе љубов, убавината и лудилото на младоста – вели Димитар Оровчанец, кој има искуство како сценарист и режисер на краткометражни и долгометражни филмови.
Оровчанец има работено на голем број ТВ-реклами, кампањи, музички спотови, документарни филмови, телевизиски документарни филмови и ТВ-емисии. Освен со режија и сценарио, Димитар има и долгогодишно искуство со фотографија, кое вклучува ангажмани како директор на фотографија на еден игран филм, на повеќето од своите кратки филмови, како и на својот долгометражен документарен филм „Олга“. Покрај искуство во филмската, видео, ТВ и радиопродукција, повеќето од својата кариера ја има поминато работејќи како креативен ум и режисер за неколку продукциски и маркетинг-куќи и како и режисер на неколку театарски претстави. В.Д.