Во Охрид започна заедничката седница на Владите на Македонија и на Унгарија, предводени од премиерите на двете држави, Христијан Мицкоски и Виктор Орбан.
На седницата што е предвидена да трае околу два часа и претходеше тет-а-тет средба на претседателите на владите на двете држави.
Премиерот Мицкоски за средбата истакна дека била пријателска, а за Унгарија дека историски била држава партнер што ги препознал македонските стремежи за независност и суверенитет.
-Со години наназад, политичките и економските врски меѓу нашите држави се продлабочуваат, а денешните средби само го потврдуваат нашето стратешко сојузништво. Унгарија не е само наш партнер во европската сцена, туку и пример за тоа како една држава може успешно да го балансира националниот суверенитет со глобалната интеграција- напиша Мицкоски на својот фејсбук профил.
По меѓувладината седница протоколот предвидува двајцата премиери да одржат прес-конференција на која ќе презентираат детали од текот на остварените разговори.
Бројната унгарска делегација што синоќа допатува во Охрид е составена од десеттина министри од Кабинетот на Орбан.
Попладнево предвидена е и прошетка на унгарската делегација низ Охрид, посета на црквата Богородица Перивлепта, Античкиот театар и манастирскиот комплекс Свети Наум, а премиерите на двете земји ќе положат цвеќе пред споменикот на Свети Кирил и Методиј во Охрид.