Околу половина од околу вкупно уште 100-те заложници кои се држат во Појасот Газа од минатата година се сè уште живи, изјави израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, пренесоа израелските медиуми.
Нетанјаху зборуваше за темата заложници за време на состанокот на парламентарните комитети за надворешни работи и за безбедност во Ерусалим, јавуваат медиумите.
Официјална потврда за неговата изјава нема, бидејќи се работело за затворена седница.
Терористите на Хамас убија повеќе од 1.200 луѓе во нападот врз Израел на 7 октомври и зедоа 250 заложници, што ја предизвика војната која се уште трае.
За време на прекинот на огнот во ноември, Хамас ослободи 105 заложници. За возврат, Израел ослободи 240 палестински затвореници.
Разговорите со посредство за прекин на огнот во Газа и ослободување на повеќе заложници оттогаш се неуспешни.
Израелската армија ослободи неколкумина заложници, додека неколку беа пронајдени мртви.
Експертите и набљудувачите веќе некое време веруваат дека многу од заложниците кои се уште се наоѓаат во Појасот Газа веќе не се живи.