Се одложува претставувањето на новата Европска комисија
Објавувањето на распределбата на ресорите меѓу кандидатите за 26-те комесари во новата Европска комисија е одложено за следната недела од страна на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, објави европското издание на магазинот „Политико“, повикувајќи се на тројца неименувани функционери запознаени со одлуката.
Се очекуваше Фон дер Лајен да го соопшти составот на следната комисија по предвидениот состанок со лидерите на различни политички групи во Европскиот парламент, што требаше да се оствари денеска, но таа средба е одложена за идната недела кога Европскиот парламент се состанува во Стразбур, според сознанијата на „Политико“.
Словенија завчера потврди дека поранешната амбасадорка на земјата Марта Кос ќе биде нејзин кандидат за еврокомесар, откако Томаж Васел ја повлече својата кандидатура, помагајќи ѝ на Фон дер Лајен да ја постигне својата цел за еднаква родова застапеност во Европскиот парламент. Со назначувањето на Кос, предложениот состав на новата Европска комисија би вклучувал 10 жени од 26 номинирани за комесари. Сепак, словенечкиот парламент допрва треба да ја потпише оваа замена на кандидатите, а тоа резултира со одложување на објавувањето на следниот состав на комисијата.
Фон дер Лајен претходно побара од земјите членки на ЕУ да номинираат и мажи и жени како кандидати за нејзиниот иден тим од 26 комесари. Бугарија е единствената земја што одговори на тоа барање, поради што Фон дер Лајен изврши притисок врз најмалку пет членки на ЕУ да ги заменат машките кандидати со женски. Романија неодамна ја именуваше европратеничката Роксана Минзат за свој кандидат за комесар, откако првично предложи машки кандидат.
Сите 26 кандидати за комесари треба да бидат одобрени од Европскиот парламент, а се очекува следната Европска комисија да почне со работа на 1 декември. Р.С.